Намерата не е да излезам од ЗЕЛС затоа што сакам да сум надвор од ЗЕЛС, намерата е да го вклучиме алармот за Владата и одредени министри малку посериозно да пристапуваат кон проблемите со што не се соочува само градоначалникот на Струмица или „Комуналец“, се соочуваат 53 илјади граѓани, таков проблем имавме и во Гостивар, во еден период во државата околу 150 илјади луѓе беа оставени без питка вода. Требаше Костадинов да излезе од ЗЕЛС за да почнеме сега да организираме состаноци, апсолутно не. Мора да градиме одговорен пристап кон граѓаните и кон институциите.

Ова денеска го одговори градоначалникот Костадин Костадинов на новинарско прашање за неговиот став за излегувањето на Струмица од ЗЕЛС.

Тој истакна дека не сака да излезе од ЗЕЛС, бидејќи ЗЕЛС е заедница која треба да се грижи за интересот на сите општини, која треба да работи на процесот на децентрализација многу сериозно и треба неселективно, како што впрочемм посопчи, вчера биле изјавите од потпретседателите на ЗЕЛС, кои тој ги почитува и охрабрува во тој дух да се градат односите.

Додаде дека постојано е во контакт со неговите колеги градоначалници, секако и градоначалникот на Валандово и потпретседател на ЗЕЛС, Перо Костадинов, но потенцираше дека напуштањето на ЗЕЛС е во делот на состаноците и во делот на вклучувањето на алармот.

 Зошто? Струмица е четири недели без вода, тоа е само една од причините зошто го напуштив Управниот одбор на ЗЕЛС и не се појавувам на состаноците на ЗЕЛС. Тоа е многу принципиелно кога се обидуваме да исполитизираме процес како што е питка вода, не може да не очекуваме и политички одговор или реакција. Затоа велам, сега е време кога треба да седнеме на маса. Ние го решивме нашиот проблем, сега е време за седнување на маса, каде што, зборувам за ЗЕЛС, ќе ги отвориме можностите и ќе ги отвориме темите коишто се предмет на разговор и се интерес на струмичанки и струмичани – посочи Костадинов.

Тој ги наброја проектите и програмите кои се одобрени од ресорните министерства и се чека на нивна реализација.

Тука мислам на атмосферска канализација во село Муртино за која што имаме добиено средства и очекуваме да се распише јавна набавка, што со филтер станицата за питка вода во населено место Банско за која исто имаме одобрено средства и се чека распишување на јавна набавка, што со средствата од унгарскиот кредит за што до денеска немаме добиено известување на писмено, кои се причините и дали е одбиен проектот за нов градски пазар во Струмица. Се од институциите треба да добиеме на хартија. Зошто? За истото да може да го обжалиме. Имаме одлука на Влада и овде не скромно ќе се заблагодарам што е продолжен рокот, но во известувањето вели за докомплетирање на проектите, ние имаме комплетиран проект, ова не е обвинување туку е детализирање на еден процес којшто е многу важен за струмичани – подвлече струмичкиот градоначалник.

Тој се осврна и на усогласувањето на урбанистичките планови.

Ги имаме деталните урбанистички планови, го имаме генералниот урбанистички план за којшто треба да седнеме со ресорно министерство оти и тоа е развој за Општината. Знаеме дека министерот за транспорт и врски најави можност за железничка пруга низ Струмица. Како ќе имаме железничка пруга ако тоа го немаме во ГУП. Впрочем, во новиот предлог за новиот ГУП на Струмица постои железничката пруга којашто во моментот ја нема во постоечкиот ГУП. Ова се многу важни теми за коишто повикувам на разум и затоа разговорот во ЗЕЛС е така условен – истакна Костадинов.

Тој побара и за проблемот со браната „Турија“ да не разговараат тој и ресорниот министер, туку работна група која би била составена од стручни лица АД „Водостопанство“. МЗШВ и ЈПКД „Комуналец“ Струмица.

Упатувам апел и порака до надлежните институции, МЗШВ и АД „Водостопанство“ да седнеме на маса, да дискутираме за состојбата на водата во браната „Турија“, да изнајдеме решенија без разлика што тоа е нивна надлежност, ние Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ сме подготвени да разговараме за можните решенија дури и на брана „Турија“. Знаеме дека Струмица сега има вода за пиење, но Општина Василево нема. Не знаеме дали утре повторно ќе има одрон во браната и повторно ќе ни се појави проблем со манган. Ова е време на прагмата, а не е време на политиката – рече градоначалникот Костадин Костадинов на денешната прес – конференција.

Заедно со раководството на комуналаното претпријатие и официјално соопштија дека водата за пиење во Струмица е здрава и безбедна покажувајќи го решението од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Струмичкиот градоначалник се заблагодари на инспекторите на АХВ за нивната храброст да го потпишат решението и како што рече, „можеби имале и притисоци за да може да се надмине проблемот со водата за пиење“.

Упатувам сериозна порака до институциите да си ја гледат работата којашто е во нивна надлежност. Струмица била, е и ќе биде сериозен партнер на сите државни институции. За да бидеме партнер институција мора да градиме партнерски однос. Затоа, повикувам, надлежните институции-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да не го политизитраат повторно овој случај, да не наоѓаат дежурни виновници оти еве од вчера гледаме каде е вината, но тоа не е битно бидејќи не знаеме до кога ќе трае. Затоа, да седнеме како луѓе кои ја имаме честа од граѓаните да водиме институции и да носиме одлуки во интерес и за добробит на граѓаните – додаде Костадинов.

Инаку, водата за пиење во Струмица и шест населени места беше забранета за употреба пред еден месец заради зголемено присуство на манган и во последните мерења заради зголемено присуство на колиформни бактерии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.