Тестовите во детската болница во Козле и во Институтот за ТБЦ треба да покажат дали уште 22 деца и десетина возрасни од привремени живеалишта за социјално ранливи групи ја имаат заразнаta болест туберкулоза, пренесува „Сител“. Тие се поврзани со трите деца кои се веќе хоспитализирани во Козле и пациентот кој е на респиратор на Клиниката за детски болести.

Ние имаме термини кога ги правиме тие манту тестови и ќе ги повикуваме и по анализите ќе знаеме каква е состојбата. Возрасните ќе одат во Институтот за ТБЦ и ако некој од нив е позитивен ќе биде полесно за нас да ги следиме децата, вели д-р Катерина Бошковска, раководител на оддел за туберкулоза во детска болница Козле.

Лекарите од Козле смируваат дека нема простор за паника но и да не се стигматизираат лицата сомнителни на туберкулоза. Во болницата немаат детален преглед за вакциналниот статус на сите деца бидејќи дел од нив немале здравствени легитимации.

Бројот е голем бидејќи се многудетни семејства. Но и ковид пандемијата си го направи своето, ние три години бевме сконцентрирани на лекување на ковид и имаме пораст на туберкулоза, но и на други заболувања како кардиоваскуларни, малигни, вели д-р Бошковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.