Началникот на Генералштабот (ГШ) на Вооружените сили (ВС) на Норвешка, генерал Еjрик Кристоферсен, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Република Македонија, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.

По пречекот со воени почести, генералот Кристоферсен оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на која се разговараше за одличната билатерална соработка помеѓу двете армии.

Притоа од страна на генералот Ѓурчиновски беше истакнато задоволство од досегашната соработка, која постојано се одржува на високо ниво, особено во досегашното заедничко учество во мировните операции “ИСАФ” и “Одлучна поддршка” во Авганистан, како и во заедничките вежбовни активности. Воедно генералот Ѓурчиновски го запозна својот колега за процесот на трансформација на Армијата на Република Македонија.

Генералот Кристоферсен за време на состанокот го истакна  значењето на заедничките настапи во меѓународните вежби и мировни операции на меѓусебната интероперабилност и нејзиното подобрување со учество на поголеми состави во заеднички вежбовни активности.

За време на престојот во Министерството за одбрана, генералот Кристоферсен оствари средба и со заменикот на министерот за одбрана Башким Хасани.

Притоа, заменикот министер за одбрана, Башким Хасани се заблагодари за норвешката поддршка и за големиот број заеднички проекти на Армијата на Република Македонија со Вооружените сили на Кралството Норвешка. Хасани изрази уверување дека во иднина меѓуармиската соработка и соработката помеѓу двете држави, сојузнички во НАТО – Алијансата уште повеќе ќе се интензивира.

На работната средба со дел од клучниот персонал од генералштабот, пред делегацијата од ВС на Кралството Норвешка, беа презентирани достигнатиот степен на трансформација и реформи во Армијата на Република Македонија, нашиот придонес во мировните операции, капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ за изведување на вежбовни активности и учеството во заедничките активности кои ги имаме.

Началникот на ГШ на ВС на Норвешка, во текот на денот ќе биде примен и од претседателот на Република Македонија и врховен командант на ВС Стево Пендаровски.

Генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен ќе го проследат и отворениот настан на гардистите на Армијата на Република Македонија и кралската гарда на Кралството Норвешка, како и самостојниот вечерен концерт на воениот оркестар на кралската гарда на Кралството Норвешка, кој ќе се одржи во Македонската филхармонија.

Армијата на Република Македонија и Министерство за одбрана имаат развиено одлични билатерални релации со ВС на Кралството Норвешка кои се одвиваат на повеќе полиња како што се: стручно усовршување на офицери и подофицери за штабни должности,  обука и размена на искуства во санитетската обука, односи со јавноста и друго.

Инаку, како резултат на одличната билатерална соработка со ВС на Кралството Норвешка во рамките на норвешката полска болница во Авганистан која беше дел од мисијата ИСАФ, извршуваа задачи нашите хируршки тимови, а на самиот завршеток од операцијата „Одлучна поддршка“ во состав на норвешкиот контингент учествуваше наш медицински тим.

Посебно е важно да се истакне дека во последните пет години, Кралството Норвешка на Армијата на Република Македонија и донираше софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема и особено донацијата на Лесна маневарска полска болница, која досега најде примена не само на вежбовните активности, туку и како помош на јавното здравство во почетокот на пандемијата со Ковид 19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.