Код во вечерашното издание открива дека двајца гранични полицајци на преминот Блаце го задржале но го пуштиле да избега Сокол Бибај, албански државјанин, по кој е распишана потерница поради поседување на лажен македонски пасош со украден идентитет. Бибај имал пасош со име Андон Папи којшто е откриен во рамките на истрагата „Двојник“ за 215 лажни македонски пасоши, од кои голем дел завршиле кај белосветски криминалци.

На преминот Блаце во време на чудното бегство на Бибај имало и висок полициски функционер, открива КОД за истрагата којашто уште е отворена и бара и други виновници.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против Ќ.А. и Ј.А., двајцата полициски службеници во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце при Регионалниот центар за гранични работи Север, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.