Универзитетскиот провесор по одбрана и безбедност, Александар Нацев од личен и од професионален аспект, споделува што точно се случуваше вчера за време на пресметката кај „Скендербег“:

Гледајќи ги обидите на разно разни аналитичари, политичари, твитераши и слични „експерти“ да ја релативизираат фактичката состојба на вчерашните случувања кај плоштадот „Скендербег“, ќе се осмелам и јас да пишам два-три збора на таа тема, прво од личен аспект, бидејќи бев присутен на лице место како дел од протестниот марш, но и од професионален (безбедносен) аспект.

Прво, не може никој да ме убеди во нивната верзија на настаните, затоа што бев таму на лице место, и ја видов целата генеза на настанатата ситуација. Се почна со навидум вербални препукувања, кои се чинеше дека немаат капацитет да прераснат во нешто поголемо, бидејќи имаше присутни припадници на Полицијата на неколку метри до лицата кои почнаа да фрлаат со разни работи (пластични шишиња претежно) надолу кон поворката која се движеше. Но, отсуството на било каква реакција од страна на полициските службеници само ги охрабри лицата да го засилат интензитетот и во тој момент почнаа да фрлаат столици и како што се гледа на една слика, цели палети. Дури тогаш почна повратна реакција од лица кои беа дел од протестниот марш, и ситуацијата зовре. Во овој момент, повторно кикс на Полицијата која се наоѓаше таму (10-15 припадници), кои се најдоа затечени и како што гледаме на слики, со „џедајски“ методи пробаа да ги смират страстите, кои до тогаш веќе прераснаа кон вадење и употреба на огнено оружје. Следна небулоза од официјалното соопштение на МВР е дека специјалните полициски сили веднаш постапиле и спречиле ескалација. Уште една невистина, бидејќи бев на лице место и гледав што се случува. Специјалните полициски сили дојдоа со 10 минути задоцнување, и дури тогаш постапија против лицата, меѓу кои имаше минимум 5 (ПЕТ) лица кои извадија огнено оружје.

Ова е фактичката состојба, и ниту едно релативизирање за наводно кршење на хотелски стакла или етнички навреди (или еден куп други глупости што ги прочитав од разно разни „експерти“, а ги наведуваат како повод за инцидентот), не поминува во јавноста, особено не кај оние коишто бевме на лице место.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.