Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од Артан Груби, првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, се сретна со претседателката на Република Словачка, Зузана Чапутова и словачка делегација, придружувана од словачкиот амбасадор во земјава, Хенрих Маркуш.

Како што информира прес-службата на Владата, за време на состанокот биле потврдени пријателските и блиски релации помеѓу двете држави, а била изразена и заедничка определба за нивно натамошно унапредување.

-Потенцирана е отворената поддршка на Словачка на европските перспективи на Западен Балкан и во таа насока изразена е силна поддршка од Република Словачка за процесот на преговори и за интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија, се вели во соопштението.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за значајното пријателство со Словачка и придонесот во остварувањето на стратешките евроатлански цели, во реформските процеси, како и во важни моменти за граѓаните, како што е помошта во здравството за време на пандемијата.

Тој рече дека Владата, како и владите на државите во Европа и во светот, е посветена на справувањето со последиците од војната во Украина, при што Македонија се постави стопроцентно на линија на надворешната политика на ЕУ. Исто така, државата ги развива добрососедските односи и институциите се определени на ефикасна динамика во реализацијата на скрининг процесот, што е план и за преговарачкиот процес, а со што е реална и остварлива целта за членството во Европската Унија до 2030 година, се вели во соопштението од Владата.

Во разговорот била нагласена важноста од фокус на сите политички субјекти кон државните интереси.

Премиерот Ковачевски и вицепремиерот Груби ја истакнаа и важноста на поддршката од Вишеградската група и споделените искуства во процесот на интегрирањето на Македонија во НАТО, којашто е оценета како значајна и во процесот за ЕУ, додаваат од Владата.

На средбата била изразена заедничка подготвеност земјите да ги унапредат билатералните односи во областа на економијата и како партнери во НАТО, во справувањето со сите актуелни предизвици.

За време на состанокот, како што информираат посебно внимание било посветено на состојбите во енергетиката на светско ниво, што се рефлектираат врз државите, при што биле разгледани нови можности за енергетско поврзување, а заеднички била оценета потребата за тесна соработка на ЕУ и земјите од Западен Балкан, во потенцијалните решенија. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.