Последен ден од кампањата за вториот круг од седмите претседателски избори и единаесетите парламентарни избори на 8 мај. Кампањата за претседателските избори започна веднаш по првиот круг од изборите, додека дваесетдневната кампања за парламентарните избори на 18 април. На полноќ започнува молкот пред изборите, кој завршува со затворањето на гласачките места на 8 мај во 19 часот.
На вториот круг од претседателските избори гласачите ќе можат да се определат за Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ која во првиот круг од изборите на 24 април освои 363. 085 гласови, и Стево Пендаровски, кој доби 180.499 гласа.
На парламентарените избори гласачите ќе можат да се определат за една од 17 листи на кандидати. Листи за кандидати за пратеници имаат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, Коалиција Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија. Земјата е поделена во шест изборни единици, а дел од коалициите и партиите имаат листи само за некои од изборните единици.
На 8 мај, на вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.
Се гласа на 3480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.
Утре односно ден пред изборите први гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и, пријавените од дијаспората, но само за претседателските избори.
Иако кампањата и подготовките за изборите се совпаднаа со велигденските празници, ДИК навреме го достави недоверливиот и доверливиот материјал до општинските изборни комисии.
Коалициите и партиите денеска ќе ги одржат последните митинзи. Официјално е најавен завршниот митинг на Коалицијата „ВЛЕН“ во Тетово, собирот на Левица во Скопје, митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во Кривогаштани, Крушево и Прилеп, како и прес-конференции на ЗНАМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.