Власта е готова, броени ѝ се деновите, и единствено што ѝ преостанаа се лагите. И ние како ВМРО-ДПМНЕ не се бориме против нивните политики, туку против кампањата на лагите. Тие не произведуваат политики, тие произведуваат лаги. Па така брутално и безочно лажат. Ќе им кажеме нели дека РЕК не работи затоа што има скапи поправки и транспорт од кои заработуваат фирми блиски до власта, тие ќе излезат и ќе кажат дека во мое време се покачила струјата што е ноторна лага. Потоа ќе излезат и ќе кажат дека јас сум го оставил ЕЛЕМ во долгови, а ноторна вистина е дека им оставив 30 милиони евра на сметка и 0 долгови. И така редум. Тие ќе си лажат мислат дека ќе се посипаат со пердуви и народот ќе им верува во нивните лаги и нивните невистини.Значи наместо да продуцираат политика драги пријатели, тие продуцираат лаги. Притоа сакам да предупредам дека нѐ чека една од најтешките зими досега во овие 30 години независност. И со ваква неспособна власт лекот не е пакет мерки, туку излезот се избори како единствено решение за слобода на народот и за слобода за Македонија – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Микоски на синоќешниот протест кој се одржа во Скопје.

Пред насобраната топла која дојде да каќе Премногу е, Мицкоски го повика актуелниот премиер Димитар Ковачевски да не се крие туку да се соочи со народот и да излезе на избори.

Ковачевски досега не излегол на избори, на анкети губи убедливо, и десетици илјади граѓани денеска, а и деновите претходно, му протестираат. Пораката е јасна. Ова денес е најсилната порака дека народот сака избори. Ковачевски не се криј, излези, соочи се со народот, немој да се криеш позади овие канцеларии.

Лидерот на опозицијата порача дека доколку нема договор за предвремени избори че настапат кон целосна блокада.

Активна блокада. Активната блокада во Собранието го даде посакуваниот ефект. Воедно сакам да предупредам доколку нема договор за предвремени избори ова лето потоа ќе преминеме во фаза на целосна блокада. Таа целосна блокада ќе биде во Парламентот, но и блокада на институциите, блокада на патишта, протести низ градовите. Блокада на процедурите и системот во распаѓање. На тој начин нема да легитимираме систем кој е диво месо и затруен од криминал и неспособност. Дали сево ова ќе има штети, некој ќе праша? Одговорот е најголемата штета сега ја плаќаме, а нашата блокада ќе биде за спас од таа штета. И нема време за чекање затоа што кризата ќе биде уште поголема и уште пофатална. Најтешката зима следи, а со оваа влада ќе биде вистинско економско цунами за народот – рече Мицкоски.

Тој најави дека тимови на ВМРО-ДПМНЕ летово ќе ги посетат сите градови и села, пратениците, Извршниот и Централниот комитет, заедно со градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе работат на општа мобилизација и изразување на незадоволство од политиките и лошата перспектива и економска состојба.

Ќе се обратиме до земјоделците, докторите, работниците, професорите, службениците, невработените, стопанствениците, до целиот народ и ќе побараме да ни се придружат. Македонија на прво место во одлуките, во делувањето, за нашиот народ. Нас ни е потребна општествена поддршка за целосен триумф врз мафијата во политиката.Оваа есен ќе биде есен на блокада на неспособноста и на сè она што претставува оваа власт – рече во својот говор претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.


Тој додаде:

И пред крајот, сакам да потсетам на некои работи. Пред неколку месеци понудив до Ковачевски тимови за помош во повеќе клучни области и средба на која ќе зборуваме за сево ова. До денес нема никаков одговор. Сакам да знае дека од денес единствената средба што ќе ја прифатам е таа на која ќе зборуваме само за клучни теми за Македонија и за предвремени парламентарни избори.

Мицкоски потенцираше дека оваа борба е заедничка и се обрати до секој еден човек.

Сакам да знаете дека во овие времиња клучно е политички да се активирате. Немојте да се повлекувате или да седите од страна.
Македонија е на колена и сите нè вика! Клучно е да земете учество во политичкиот живот. Секогаш кога поединците и паметните глави се повлекуваат, на сцена доаѓаат лукративните политичари кои ќе одлучуваат во име на умните глави. Сега, како никогаш порано е важно да се активираат интелектуалците во Македонија. Не е доволно само да се коментира во приватни кругови и во затворени тесни групи! Дојде часот кога мора гласно да се каже ставот! Оваа нација треба да биде водена од интелигенција и мудри глави. Го повикувам МАНУ, ја повикувам Македонската академија на науките и уметностите, универзитетите во Македонија и сите научни институции, синдикатите да се активираат во надминувањето на кризата која е наше секојдневие. Кажете гласно и јавно што ве мачи, кажете гласно и јавно како можат да се подобрат нештата и што треба да се смени, а во мене ќе најдете партнер соборец и пријател – додаде Мицкоски.

Тој ги повика сите граѓани на Македонија да се вклучат во борбара за подобро заедничко утре.

Ги повикувам нашите сограѓани Албанци. Мораме заедно да се избориме за подобро заедничко утре! Зарем ќе дозволите ДУИ да биде газда на вашите животи, кога вие сте сопственик на вашата слободна волја. И ако ви кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ била причина за тешката положба на вашите животи, тогаш јасно треба да им кажете в лице дека ДУИ и СДСМ десеткратно повеќе ви ги згорчиле вашите животи и животите на сите граѓани на Македонија! Погледнете само како сложно ја напуштија расправата за причините за палењето на модуларната болница во Тетово! Сложно ѝ завртија грб на вистината како да се работи за тендери од какви крадат секојдневно од народот. Не им верувајте на стигмите што секој ден ги фрлаат врз ВМРО! Сакам јасно да ви порачам дека истите центри што ви ги загорчуваат вашите животи, а кои не нудат решение за ниту еден ваш проблем, се изворот на оваа негативна пропаганда меѓу Албанците за ВМРО-ДПМНЕ! ВМРО-ДПМНЕ е отворена партија! И за Македонците! И за Албанците! И за Турците! И за Србите, Власите и Бошњаците, Ромите, Египќаните и сите останати! Тука сме за сите ограбени, понижени и обесчестени граѓани на Македонија! Им подаваме рака на сите! Придружете ни се во нашата борба за нашата мајка Македонија.

Сакам една посебна порака до оние кои се иселија. Ова е битка и за нив. За луѓето од Струга и струшко, за мавровско реканскиот крај, од Ростуше, Лабуништа, Пласница, Урвич , Могорче, Отишани, Џепиште, Косоврасти, бев во Косоврасти преубаво место и многу други од многу населени места кои бескрајно ја сакаат Македонија, а се приморани да одат во Италија, Швајцарија, Германија и други земји. Нека знае и мајката од Јеловјане која го чека своето чедо, и оние кои не го слушаат џагорот по улиците на Скудриње. Мора да ги вратиме овие луѓе тука во Македонија. Тука им е местото, тука каменот тежи дома. Изразуваме подготвеност заеднички да се избориме за новото утро кое ќе донесе ново сонце на слободата, подобар живот и правда! Дојдете со нас да се бориме заедно!

Тој не го изостави тврдото цврсто македонско десно ткиво кои сè уште, наоѓаат забелешка за некој потег на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани пријатели од десницата, размислете добро. Ве повикувам длабоко да го ставите прстот на челото. Со смирен ум и отворено срце анализирајте и донесете суд: кој ви е подобар пријател или подобра опција. Оваа власт која донесе предавства или ВМРО-ДПМНЕ која се бори против тие предавства?! Со сите наши недостатоци и слабости, ВМРО-ДПМНЕ е единствениот и најголемиот браник против неправдите, тешкиот живот и предавствата. Дојдете да се обединиме. Време е! Македонија тоа го бара од сите нас.


Се обрати и до чкелнството и поддржувачите на СДСМ кои знаат дека работите не одат на добро, како и до неопределените.

Драги браќа и сестри, ќе се обратам и до оние кои се СДСМ, но знаат дека работите не одат на добро зошто проблемите за реалниот човек се исти. Вашите дедовци и баби исто така учествуваа во растењето и во создавањето државата и вие можеби ја посакувате таа партија, но на сите нас треба да ни е поважна Македонија која гледаме дека сега брутално се краде и уништува. Зарем ќе дозволите овие луѓе да ја крадат и вашата иднина. Да не дозволиме Македонија да биде заложник на 10 до 20 души кои ги узурпираат процесите.

Сакам да се обратам и до огромното тивко мнозинство неопределени. Тешко ви е. Едвај крпите крај со крај. Несигурноста ви носи голема неизвесност која силно ве тишти. Не гледате надеж. И повеќето од вас си мислите сите се исти. И знаете дека ништо добро не може да очекувате од неа. Но, ние – оваа генерација на нови ликови во политиката ја бараме и ја чекаме вашата поддршка. Од една страна имате луѓе што знаете дека не можат ништо подобро, а од другата страна нè имате нас за кои вреди да ризикувате да ни дадете шанса, затоа што, ви велам, нема да ве разочараме. Вие ја одредувате иднината! Вие сте тие кои ја носите Македонија! На вас се чека. Се обраќам на целиот народ на сите граѓани во Македонија потребно ни е обединување општествена поддршка нема инстант победи почнуваме и од сега па натаму продолжуваме низ градовите и улиците да се бориме. До конечен пад на оваа корумпирана и криминална власт. Ми велат – има ли светло на крајот од тунелот. Јас велам има! И јас не само што го гледам тоа светло, туку ве повикувам заедно да чекориме до тоа светло! Светлото на крајот од тунелот значи да ја промениме власта и да обезбедиме сите наша заедничка перспектива и иднина. Да ја вратиме надежта и еланот во нашите срца како тој 8 септември 1991 година. Овие избори да не бидат избори за власт, туку референдум за Македонија. Да дојде нова генерација способни луѓе која ќе направи нов пресврт, нова страница и нова епоха за Македонија. Да обезбедиме работа, повеќе пари и сигурност за сите семејства. Да одиме напред во културата, образованието, претприемништвото. Да ги поставиме дефинициите на новиот патриотизам во кој веруваме! Да ја градиме Македонија за сите граѓани и Македонија да ни биде на сите на прво место, без разлика на етничката припадност! Доста беа поделби, предавства и криминал. Да си ја вратиме земјата во наши раце, во рацете на народот, а не во овие кои што ја украдоа, ја предадоа, ја понижија, ја осиромашија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.