Консензусот на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство со кој едногласно се усвоија измените на Законот за земјоделство и рурален развој, пратениците да го покажат и на денешната пленарна седница, апелира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
МЗШВ уште еднаш нагласува дека со усвојувањето на измените директно ќе им се помогне на преку 20.000 семејства кои живеат од производство на тутун. Ќе се овозможи уште утре да се реализира исплата на субвенциите.
-Бараме од сите пратеници едногласно да ги усвојат измените и дополнувањата на овој Закон и тоа како прва точка од дневниот ред на денешната 64. пленарна седница на Собранието закажана за 12:10 часот. Потсетуваме дека со усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој предложен од група пратеници уште на 23.2.2022 година директно се помага на повеќе од 20.000 семејства кои живеат од производство на тутун. Со усвојувањето на Законот се отвора пат уште утре да можеме да ја реализираме исплата на субвенциите за оваа важна група земјоделци кои се наоѓаат во екот на подготовки за нова реколта, наведува МЗШВ.
МЗШВ оценува и дека блокадите насочени кон остварувањето на правата на земјоделците се целосно неоправдани, како и дека водат кон отежнување на состојбата во секторот.
-Секоја блокада насочена против исплатата на заслужената поддршка и финансиски средства за стимулација на земјоделците и земјоделското производство во вакви кризи времиња, дополнително ја намалува поддршката за македонските земјоделски производи, што може да влијае врз намалување на земјоделските површини и култури, но и врз зголемување на цените на основните прехранбени производи. За таа цел, уште еднаш апелираме да се слушне гласот на земјоделците и тие да бидат ставени високо во приоритетите и следните закони преку кои директно и индиректно зависат многу традиционални земјоделски семејства, како и многу индивидуални млади земјоделци и жени земјоделки, потенцира МЗШВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.