Крајната одлука за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува или нема да учествува во техничката влада е одлука која што треба да се донесе од страна на органите на нашата партија. Тука мислам на Извршниот комитет на партијата и на Централниот комитет и очекувам дека во следните неколку недели, таква одлука ќе се донесе, односно ќе го види јавноста нашиот конечен став, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во неговото гостување на телевизија Алсат.

Муцунски посочи дека негово лично мислење дали ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничка влада е афирмативно, односно смета дека тоа е потребно од повеќе гледни точки.

„Прво анкетите на јавното мислење, но и секојдневната комуникација статистички ни покажува дека осум од 10 граѓани се незадоволни од правецот во кој што се движи Република Македонија, што значи дека тие граѓани очекуваат промени. За да им обезбедиме ние на граѓаните промени, да им обезбедиме демократски и фер изборен процес , сметам дека е потребно да влезе ВМРО-ДПМНЕ во институциите. Примарно, петте институции во кои што ќе добие раководни позиции, за да можеме да гарантираме колку што има капацитети од гледна точка на надлежностите на тие органи на управата, дека изборниот процес ќе биде фер, кредибилен и граѓаните да може низ демократска призма да го изразат своето право на гласање“, рече Муцунски.

Тој посочи дека здраво е секоја партија да дискутира и да донесе одлука, по било кое прашање, во органите на партијата, додека пак ДУИ во недостаток на концепт заради преобемната корупција која што ја гледаме на секое поле, секој ден слушаме како шират демагогија, посебно од претставниците на ДУИ, посебно министерот за надворешни работи и потпретседател на партијата, Бујар Османи, кој што постојано зборува за албонофобија.

Муцунски додаде дека не станува збор за албанофобија, туку за фобија и тоа кон одредени поединци во ДУИ, а не кон целата ДУИ, затоа што и таму има луѓе кои ја сакаат и сакаат да придонесат за развој на државата.

„Факт е дека има сериозна колизија во вредносниот систем кој што ние го имаме како луѓе, со вредносниот систем кој што го имаат поединци на во раководството на ДУИ за кои што гледаме сериозни сомнежи за корупција од кои што ние не можеме да видиме ниту еден конкретен проект важен за граѓаните во државата, независно дали името на граѓанинот е Висар или Виктор, дали е Јеона или Јована, не гледаме напредок“, рече Муцунски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.