Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес оствари одвоени средби со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Вероник Хулман и вршителот на работите во Амбасадата на Црна Гора, Велимир Шљиванчанин.

На средбата со Амбасадорката на Швајцарија беше изразено заемно задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји изминатите три децении и беше потенцирана заедничката подготвеност за одбележување на 30 годишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските врски. Воедно, беше поздравена успешната долгорочна соработка во рамки на швајцарската развојна програма, меѓудругото, наменета и за поддршка на реформите за постигнување на европските стандарди и вредности во нашата земја. Притоа, Муцунски истакна дека Швајцарија е наш значаен билатерален донатор, изразувајќи благодарност за оваа континуирана поддршка.

Министерот Муцунски, на средбата со вршителот на работите во Амбасадата на Црна Гора, се заблагодари за укажаната помош во опрема во справувањето со огнените стихии. Воедно, стана збор за евроинтегративните процеси на двете земји, при што беше истакната потребата од нивно забрзување во интерес на регионалната стабилност. Беа разменети мислења и за сојузништвото во рамки на НАТО и регионалната соработката во контекст на справувањето со актуелните безбедносни предизвици.

Соговорниците се осврнаа и на актуелни регионални и меѓународни теми, при што беше искажана заемна подготвеност за натамошна соработка во рамки на мултилатералните формати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.