Ние сме мала земја, со ограничени ресурси и мора да се води сметка за балансот меѓу задолжувањето и растот на економијата, порача денеска претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на Скопскиот економско финансиски форум (СЕФФ).

Според него, нашата активност во надворешната политика и искористувањето на можностите од регионалната соработка и евроатлантските перспективи, е добра основа за очекување поддршка од нашите меѓународни пријатели.

Џафери оцени дека неопходноста од постигнување рамнотежа меѓу енергетската сигурност и храна за граѓаните, може полесно да се преброди само со поддршка од европските банки. Економската дипломатија, пак, може да направи многу за зајакнување на регионалната соработка и европските перспективи.

Ситуацијата може да се преброди со поддршка од нашите меѓународни пријатели, од европските институции и банки, а тоа што нивни претставници се дел од форумот, е охрабрувачки сигнал. Во наша моќ е олеснувањето на условите за водење бизнис и за привлекување инвестиции, но, активноста на надворешната политика, како и искористувањето на меѓународната и регионалната соработка е добра основа за очекување поддршка од нашите меѓународни пријатели, истакна Џафери.

Според Џафери, земјава мора да инвестира во квалитетен човечки капитал преку квалитетно здравство и образование. Младите, истакна, треба да се вклучат  во креирањето на локалните политки за животна средина, а од витален интерес е и регионалното инфарструктурно поврзување кое ќе ја поттикне трговијата и енергетската сигурност.

Неоходна е поддршка на иновации и нови технолгоии, градење силни, независни инстиутции, владеење на правото, борба против корупцијата и организираниот криминал, подвлече Џафери.

Во врска со руско-украинскиот конфликт, спикерот истакна дека за жал, не се гледа брзо решение, а секое такво пролонгирање значи дополнително усложнување на ситуацијата што влијае врз бизнисот, инвестирањето, работната сила, одливот на мозоци и платежната моќ наспроти зголемувањето на цените.

Како одговорни за одржливиот раст, развој и напредок на државата, мора да дадеме максимален придонес за надминување на тешкотиите предизвикани од овој нов глобален предизвик – војната во Украина, рече Џафери.

На СЕФФ денеска ќе се дебатира на темите „Енергија и зелена транзиција“, „Инфраструктура, поврзаност и трговија“, „Финансиски иновации и инвестиции во услови на неизвесност“, „Нови предизвици за добро владеење“ и „Човечкиот капитрал во 21 век“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.