Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови за учебната 2024/2025 година.
Првенство при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови во земјава.
Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот e-uslugi.mon.gov.mk или директно да поднесат хартиена пријава до ученичкиот дом.
Рокот за пријавување на учениците кои се запишани во I, II, III и IV година почнува од 25.6.2024 година и трае до 10.7.2024 година.
Учениците со посебни образовни потреби кои се сместуваат во домовите „Искра“ во Штип, „Партенија Зографски“ во Скопје, „Димитар Влахов“ во Скопје и „Свети Наум Охридски“ во Скопје, не пополнуваат електронска пријава и документацијата ја доставуваат во ученичкиот дом во кој се пријавиле за сместување од 1.7.2024 година до 10.7.2024 година.
По објавување на списоците со рангирани ученици по домови, учениците имаат право на приговор во рок од 3 дена кој се поднесува во Министерство за образование и наука.
Доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе биде активно од 15.8.2024 година се додека има слободни места, за што Министерството за образование и наука континуирано на својата веб-страница ќе објавува списоци за примени ученици по домови, стои во конкурсот.
Во него е наведено дека листата на примени ученици ќе биде објавена на веб-страницата на МОН, како и на огласната табла на домот најдоцна до 19.7.2024 година.
Учениците кои ќе бидат примени за сместување и исхрана во дом сами ќе ги подмируваат трошоците за превоз од-до постојаното место на живеење.
Вселувањето на примените ученици започнува од 31 август 2024 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.