Педесетина училишта во Македонија ќе ја подобрат енергетската ефикасност преку инсталирање на соларни фотоволтаични системи, за што, денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томас Бошек потпишаа договор за неповратен грант вреден 1,1 милион евра, информираат од МОН.

Училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија. На овој начин, тие ќе дадат дополнителен придонес кон заштитата на животната средина, а ќе заштедат и средства кои ќе можат да се реалоцираат во унапредувањето на условите за настава.

На потпишувањето на договорот за овој проект одобрен преку Европскиот фонд за зелени општествени инвестиции, наменет за јакнење на инклузивните климатски мерки, Јаневска изрази благодарност до Банката за развој при Советот на Европа за континуираната поддршка на државата во унапредувањето на инфраструктурните услови во областа на образованието.

Министерката изрази очекувања дека соработката во насока на достигнување на европските стандарди за квалитет, ќе продолжи и во иднина, стои во соопштението на ресорното министерство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.