Министерството за надворешни работи тврди дека се пласираат невистини за обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со именувањето на вториот внук на Али Ахмети, братот на Дрин Ахмети, за прв секретар во македонската амбасада во Брисел, со стаж од само десет месеци.

Во реакцијата од МНР се наведува дека „невистините пласирани од ВМРО-ДПМНЕ не само што имаат тенденциозна намера да ѝ нанесат штета на дипломатијата, туку покажуваат и елементарно непознавање на законските надлежности, како и уредбите дефинирани во правилниците за работа на дипломатијата“.

Оттаму појаснуваат дека согласно законските прописи, како економски советници, покрај дипломатите вработени во МНР, а на барање на останатите економски ресори, се испраќаат и вработени во другите министерства, како што е Министерството за економија, Министерството за земјоделие итн., при што законски е утврдено дека во овој случај економските советници се испраќаат со дипломатско звање – прв секретар.

„Согласно член 68-а став 1 од Законот за надворешни работи врз основа на писмена спогодба Министерството и институции од јавниот сектор за вработените од членот 14 став 1 група II од Законот за вработените во јавниот сектор и за вработени кои работат на економски активности за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, по спроведена постапка за избор, а по претходно објавен интерен конкурс во институцијата во кое лицето е вработено, министерот за надворешни работи може да упати во дипломатско-конзуларно претставништва вработен кој ги исполнува условите од истоимениот член“, стои во објаснувањето.

Според МНР, економската димензија на дипломатијата е тесно поврзана со работата на економските ресори во Владата – прашањата поврзани со условите за водење бизнис, бенефициите за странските инвеститори, развојните планови на Владата, потенцијалните региони за бизнис во различните сектори итн. – и оттука логично е Министерството за надворешни работи да се потпира на кандидатите кои низ конкурс ги предложиле економските ресори во Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.