Министерството за надворешни работи на Република Македонија, преку својата Амбасада во Софија, упати вербална нота, со која изрази крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и ко-претседател на политичката партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, стои во писменото соопштение од МНР.
Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Македонија.
Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Македонија и нејзините граѓани, г-нот Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.
Соодветно на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, по ова известување, очекуваме државното раководство, Владата и Министерството за надворешни работи на Република Бугарија да го осуди и да се огради од изјавите на Џамбаски.
Истовремено, Министерството за надворешни работи би ги ценела евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.