Министерството за надворешни работи се соочува со сериозни системски недостатоци кои се резултат на долгогодишното нестручно работење и длабоко партизираниот пристап во водењето на институцијата во времето кога со МНР раководеа министри од ВМРО-ДПМНЕ, одговорија од МНР на критиките и обвинувањата за состојбите во институцијата, кои денеска беа упатени од панел-дискусијата на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија“ организирана од најголемата опозициска партија.

Со денешната партиска трибина на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш на јавна сцена ја видовме штетата која оваа партија ѝ ја нанесе на дипломатијата преку партизацијата на Министерството токму за време на министерувањето на лицата од трибината, се наведува во реакцијата на МНР.

Оттаму велат дека изминативе години во работењето на инситуцијата по првпат не важно партиското убедување на дипломатите кои, како што се посочува, со децении политичките партии ги делеле на наши и ваши.

Во перидот кога кадри на ВМРО-ДПМНЕ го воделе Министерството за први луѓе по амбасадите биле праќани слаткари со кои тешко може да се изгради непристрасна и објективна професионална работа на дипломатите, наведува МНР во реакцијата, во која посебно се осврнува на изјавитена претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат Зоран Дабиќ, кој на денешната трибина зборуваше за вработувања и унапредувања на партиски кадри во изминатите седум-осум години.

Од МНР велат дека Дабиќ целосно ги напуштил принципите на дипломатијата и уште повеќе оние на синдикалното здружување, постапувајќи строго според партиски амбиции. Гостувањето на Дабиќ на на партиски собир е само неколку дена по неговото заминување во пензија и не е објективна слика за дипломатијата на Македонија.

Со ова, тој само потврди дека неговото делување како претстедател на еден од синдикатите во МНР било мотивирано само од партиски и политички цели, а не од професионални и дека целта на тоа делување не било подобрување на условите за вработените во МНР, туку негова лична промоција и себичен интерес, како и спроведување на интересите на политичката партија на која очигледно ѝ припаѓа, велат од Министерството за надворешни работи.

Министерството, се истакнува во соопштението, дополнително ќе достави детали до јавноста за работата во времето кога со МНР раководеле кадри на ВМРО-ДПМНЕ и апелира Дабиќ да престане да се занимава со „институцијата која беше системски уништена токму во времето на партијата со која денес јавно дебатираше“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.