Министерството за Надворешни Работи на Република Македонија со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година.
-Техничките нерегуларности во начинот на реализација на истиот, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација резултираа со објава на прелиминарни податоци кои што за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница, велат од таму.
Министерството ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.
Министерството во претстојниот период интензивно ќе соработува со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија во насока на нивна културна и социјална промоција во рамките на албанското општество, што за жал и повеќе од очигледно било целосно запоставено од страна на претходната политичка гарнитура во нашата држава.
Сите отворени прашања меѓу две соседни држави треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно разбирање и почитување на правилата, принципите и вредностите на меѓународниот правен поредок, велат од ова министерство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.