Порака за денот на студентите упати премиерот Христијан Мицкоски според кој, образованието не е само патека кон индивидуален успех, туку и катализатор за општествени промени, рамноправност и прогрес.
-Вие сте оние што ќе го водат нашето општество кон подобра иднина, вие сте тие што ќе направат разлика на факултетите, во заедниците, во целата држава. Вашите проблеми се наши приоритети. Владата е решена да ви даде силна поддршка да ви создаде услови во кои вашиот труд, талент и амбиција ќе можат да блеснат. Нашата визија за младите е едноставна, да создадеме систем што ќе ви даде можност да се развивате без ограничувања и бариери, подвлече Мицкоски.
Важно е, дополни, да се пренесе пораката дека образованието е најважната алатка преку која ќе се водат процесите во иднината.
-Колку тоа образование е посилно и помоќно, толку во помоќна и посилна држава ќе живееме, а целта на сите нас е да ја направиме државата силна, моќна, Македонија да биде онаква каква што мојата генерација сакаше да биде затоа што колку е таа посилна толку и мојот дом, вашиот дом е повеќе вреден. За бизнисмените и за оние студенти од Економскиот факултет кои утре ќе формираат сопствени бизниси и ќе бидат претприемачи, толку нивниот бизнис ќе биде повреден, колку што е државата послаба, опустошена, ограбена, осиромашена, толку и мојот дом е помалку вреден или би рекол безвреден, толку и нашите бизниси се помалку вредни би рекол безвредни, рече премиерот.
За него патриотизам се, нагласи, индивидуи со големо искуство, силно образование и многу знаење.
-Сите ние во одредени моменти во нашите животи сме имале можност или понекогаш од револт сме сакале да го спакуваме нашиот живот во еден куфер и да заминеме што подалеку од овде. Не било лесно и ние нашите професионални кариери сме ги започнувале можеби под очекувањата онакви какви што ни биле кога сме биле студенти. Можеби сме очекувале дека таа сурова реалност наречена живот ќе биде со нас помила и понежна и дека можеби ќе не’ погали од самиот почеток. Но, за жал реалноста не е таква. Реалноста е дека треба да се борите секој ден и дека животот е борба и таа борба можете да ја водите дома, таа е поинспиративна бидејќи се борите за сопствената татковина, но можете да бидете некаде таму далеку и да се борите за туѓи бели дворови и за туѓи татковини. Мојот совет до вас е – останете дома и заедно да се бориме, да се избориме за оние што доаѓаат по вас, заедно да се бориме за онаа Македонија каква што сакаме да ја видиме бидејќи само така можеме и ние да бидеме среќни и бидејќи само така можеме да успееме, рече Мицкоски.
Тој и во оваа прилика ја спомна потребата од поголем наталитет, апелирајќи дека мора сите да се бориме „а полна држава со млади луѓе, за многу деца во градинките, за многу деца во училиштата, за многу млади луѓе на универзитетите“.
-Тоа значи брачна заедница помеѓу сопруг маж и сопруга жена. Тоа значи дека само така можеме да бидеме држава и општество кое ќе се развива. Не бегајте од таа обврска која во суштина претставува се во вашите животи, зашто формирањето семејство, многудетно семејство значи патриотски чин, истакна Мицкоски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.