Премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук објабви дека на маргините на официјалната фотосесија на лидерите на влади и шефови на држави на НАТО самитот во Вашингтон остварил кус разговор со премиерот на Бугарија, Димитар Главчев.
– Беше констатирано дека треба да се релаксираат односите, при што посочив дека треба да се гледа на иднината и да се користат можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето на нови препреки нема да ги зближат двата народи и дека треба да се направат напори и чекори кои ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции, наведува Мицкоски.
За разговорот со Мицкоски се огласи и бугарскиот премиер Димитар Главчев, кој кажа дека станало збор за потребата од нормализација на меѓусебните односи и за нивно враќање на нивото од 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство.
– Двајцата бевме на тоа мислење, па ќе видиме што ќе се случи. Нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседи. Може дури и да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Македонија, изјави Главчев.
Бугарскиот премиер истакна дека треба да се намалат тензиите во меѓусебните односи, пред се во изјавите, бидејќи меѓу граѓаните и народите на двете соседни земји нема тензии, а политичарите ако не помагаат да се развиваат тие односи, не треба ни да ги попречуваат.
Според него, кога соработката ќе биде на задоволително ниво треба да почне да се развива и поврзувањето во сите аспекти, како во транспортот, економијата…
– Но, треба да се исполнат и обврските кои што се преземени. Тука не говорам само за Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европската позиција дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени, додаде Главчев
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.