Владата сака да биде проевропска и сака да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би биле со сочувано достоинство. За ова имаме поддршка од 26 земји членки, освен од нашиот источен сосед. За останатите земји членки е важно да има решение, истакна вечерва премиерот Христијан Мицкоски.
Тој во емисијата „100 дена Влада“ на МРТ посочи дека во сите досегашни дипломатски активности успеале да ги изнесат аргументите на маса и дека од ниту еден соговорник не слушнал дека пречката е во Владата.
Вели дека е чудно тоа што Бугарија го одбила предлогот на Унгарија како претседавач на Европската унија да биде медијатор во целиот процес, иако претходно велела дека проблемот е на Европската унија.
– Бугарските политичари сега викаат дека нема потреба некој да биде медијатор, ќе преговараме билатерално, а до скоро викаа дека ова е проблем на Европската унија. Сега, кога претседавачот на ЕУ вика да седнеме на маса, велат нема потреба. Нели е тоа малку чудно и создава сомнеж и недоверба дека овој процес ќе има изгледни шанси да заврши еден ден, вели Мицкоски.
Според него, подобро е да се преговара, отколку да не се преговара. Во моментот, вели, нема предвидливо решение и проблемот е што не е јасен патот и целта. Повтори дека премногу отстапки се направени од наша страна во изминатиот период.
– Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот Парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме – уставните амандмани да важат кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме, нагласи Мицкоски.
Вели проблемот е вештачки создаден посочувајќи дека европските вредности немаат никаква врска со промената на името или Преамбулата на Уставот. Посочи дека во Судот за човекови права во Стразбур има 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија која не може да регистрира ниту невладина и нула пресуди за бугарската заедница во Македoнија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.