Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница, што ќе се одржи во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд.
Во состав на македонската делегација што ќе присуствува на Самитот се и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Како што најави Мицкоски во објава на Фејсбук на Самитот и ќе говори за „предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави“.
Според најавите, на средбата 47-те европски лидери ќе разговараат за континуираната поддршка за Украина, како и за заедничките предизвици со кои се соочува Европа, поврзани со енергијата, поврзувањето, безбедноста, заштитата на демократијата и миграцијата.
Покрај Мицкоски и домаќинот на Самитот, британскиот премиер Кир Стармер, на средната е најавено учество и на лидерите на 27-те членки на Европската Унија, на останатите пет земји од Западниот Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, на четирите членки на Европска асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) – Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, трите држави од реонот на Јужниот Кавказ – Азербејџан, Ерменија и Грузија, како и Андора, Молдавија, Монако, Сан Марино, Турција и Украина. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претставници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), како и на претседавачката на опозицискиот „Обединет транзициски кабинет на Белорусија“, Свјатлана Циханускаја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.