Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот дека тие се подготвени да поддржат бришење на техничката Влада од Законот за Влада и од Изборниот законик. Според него, технички премиер кој би го предложила ДУИ ќе нема ниту народен ниту политички легитимитет.

Затоа цениме дека техничката Влада предводена со таквото кадровско решение и самата техничка Влада треба да биде дел од минатото. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ, Македонија е зрела држава да се интервенира во Законот за Влада и Изборниот законик и оваа одредба која ја дефинира техничката влада треба да биде конечно избришана, рече Мицкоски, кој беше во посета на Македонски Брод.

Како ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, цениме дека на тој начин ќе им олесниме и на бизнисот и на граѓаните да не бидат сведоци на дневните препукувања и несогласувања кои ќе се случуваат во рамките на таа евентуална техничка Влада.

Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски рече дека во рок од една година, откако ќе дојде на власт ВМРО – ДПМНЕ линеарно ќе ги покачи пензиите за 5.000 денари.

Што се однесува за проектот „Намалување на данокот на профит“, којшто го најави Мицкоски деновиве на трибина вели дека целта е Секторот за надворешна трговија од Министерството за економија да премине во Министерството за надворешни работи, со што ова министерство ќе прерасне во министерство за надрворешни работи и надворешна трговија. Забележа дека целта за овој чекор е ова министерство да врши промоција на нашата земја низ Европа и светот, како земја во која има најниски даноци на профит.

Цениме дека голем дел од светските компании своите прифитни центри ќе ги донесат токму тука во Македонија, рече Мицкоски.

Посочи дека идејата е за секоја компанија која ќе направи профитен центар и ќе пријави профит до 20 милиони евра данокот да биде 10%, а доколку се реинвестира тој профит тогаш, како што вели Мицкоски, данокот би бил нула проценти. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека колку што ќе биде поголем профитот на овие странски компании, толку ќе се намалува и профитот, на пример за профит од над 50 милиони евра, данокот на профит ќе биде 5%.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.