Ако ВМРО-ДПМНЕ ги иницира тие состаноци, тогаш ќе се јави Талат Џафери и ќе рече дека е претседател на Собранието и логично е тој да ги иницира, па потоа ќе бидеме напаѓани зошто ние ги инцираме, а зошто тој не. Затоа рековме нека седнат и нека се договорат, јас имам информација дека денеска ќе имаат работен ручек Ковачевски, Ахмети и Груби, нека седнат нека се договорат и нека кажат, тој и тој ден, во толку часот, работните групи ќе се состанат и ќе зборуваат за иднината бидејќи овие два процеси се клучни за иднината на Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешната посета во Ѓорче Петров одговарајќи на новинарско прашање во однос на работни групи за изборите.
Мицкоски истакна дека дали Талат Џафери е тој кој ќе испрати официјална покана, дали Груби, дали Али Ахмети или ќе му ја дадат таа чест на Ковачевски ВМРО-ДПМНЕ нема проблем, но мора да се договори термин бидејќи треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
– Не е само терминот проблем, бегаме од суштината, зборуваме за дрвото, а не ја гледаме шумата. Имаме сериозни препораки од ОБСЕ/ОДИХР кои треба да се имплементираат во изборниот законик, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР се знаете 6 месеци пред избори не треба да се отвора изборен законик, а ние сме помалку од 6 месеци, и повторно ќе интервенираме затоа што некој е кукавица и не сака да излезе и да се соочи со граѓаните, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека кога тогаш Ковачевски мора да излезе, мора за неколку месеци од денеска да имаме избори.
– Бега од дуели, од дебати, од новинари, бега од предвремени избори, да се биде кукавица е карактер и ги разбирам, не треба да се срамат од тоа, има плашливи луѓе кукавици и тоа е карактер не се менува на 47/8 години. Но мора ова да го направиме ако навистина се грижиме за интересот на граѓаните и за развојот на Македонија како држава. Ме прашавте дали е 5 или 8 мај, јас и во мојот говор кажам, ете му бел лист хартија нека седне нека напише датум. Еве нека напише датум и блиску до тие два големи празници зборувам за Рамазан Бајрам и за Велигден, нека одлучи и ќе прифатиме. Нека одлучи, нека го ослободи општеството, денеска има ручек со Ахмети и Груби нека се консултира, ако треба од нив да добие зелено светло нека го бара, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека не треба изборите да бидат одвоени и да се трошат десетици милиони евра од граѓаните кои ги немаме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.