Скапа е цената која Македонците ја платија за својата слобода и затоа сакаат многумина други да ја присвојат и да ја прикажат за своја, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на денешниот настан по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, насловен „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа, при што потенцираше дека ако не си ги почитуваме нашите предци, нашето минато и историја тогаш никако не можеме да одиме напред

И треба да бидеме исклучително горди на нашето дело бидејќи нашата слобода независно што велат и пропагираат нашите соседи, му припаѓа пред се на пожртвуваниот македонски народ кој даде пот, даде крв, даде животи за ова што денес го живееме. И иако сме можеби малуброен народ не треба да се заборави, гледајќи ги ваквите светли примери за кои говорам дека ние имаме херои кои платиле скапа цена, многу поскапа од многу други народи за нашата држава и за нашата независност, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски истакна дека ВМРО е на секој Македонец, но оваа власт се откажува и од тоа, но и од АСНОМ и историскиот континуитет на Македонецот.

И навистина со мачнина гледам кога вакво една македонска историска драма од која речиси секој сосед сака да приграби малку, помалку срамежливо се одбележува овој ден од страна на официјалните власти. И тука не се работи за некоја голема промисленост или стратегија, туку ситнодушност која не им дозволува да видат дека ВМРО е на секој Македонец. Секако дека тоа нивно однесување не е репер, затоа што тие и од асномското партизанско движење се откажаа, но во историјата и за нашата нација важно е да се запази историскиот континуитет на нашата борба и лулката на организираната борба која несомнено произлезе од оваа организација, рече тој.

Мицкоски додаде дека ВМРО секогаш обединувало, леви и десни, сиромашни и богати, интелектуалци, земјоделци, работници и била поголема од секој поединечен интерес.

Чувството кое сакаат денес да го наметнат на мал и обесхрабрен народ, на луѓе кои мора да молат за својата иднина е само сликата со која сакаат да го скршат нашиот непоколеблив дух кој победувал многу поголеми предизвици и се издигал над многу поголеми ужаси. Ако не си ги почитуваме нашите предци, нашето минато и историја тогаш никако не можеме да одиме напред. Кога дојдоа на власт во таа колективна хипноза на уништување и прогон каде се колнеа во слоганот кој не само што не го спроведоа туку и самите си го испоганија, нема правда нема мир, воведоа едно колективно беснило и лудило на деструкција каде мораше да се избрише секоја трага на тоа управување, каде не велам дека немаше пропусти, но имаше премногу добри работи кои се направија и оставија и кои природно му припаѓаат на овој народ и на Македонија, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.