Секој којшто мисли дека со криминалот може да профитира и е исплатлива професија, многу скоро од денеска ќе се разочара и ќе биде пронајден и сместен позади решетки, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Ќе се бориме и ќе победиме, порача Мицкоски, наласувајќи дека „тоа треба на сите да им е јасно, не се само тие“, но и дека набљудуваат уште неколку групи и овде во Скопје и во неколку други градови низ цела држава.

– Идентификувавме три групи кои за жал имаат логистика и во некои од затворите коишто се занимаваат со изнуда, со тероризам, со рекетирање, со тежок облик на криминал, точно ги знаеме кои се и очекувам многу скоро и за нив бавењето со криминал да биде неисплатлива професија, изјави Мицкоски.

Во однос на обвинувањата од Славјанка Петровска од СДСМ дека „властите намерно не ги пуштиле убијците пред Мавровка да избегаат затоа што веќе претходно биле избегани од затвор“, Мицкоски, рече дека тие биле избегани кога СДСМ биле дел од владата и од раководните структури на СДСМ и ДУИ.

-Она што е важно е дека е загубен човечки живот, а криминалците се фатени и се изведени пред лицето на правдата. Јас ви кажав неколку пати во јавноста, ќе повторам и сега. Секој оној којшто мисли да се занимава со криминал ќе биде фатен и ќе биде испратен онаму каде што му е местото – позади решетки. Мора професијата криминал и криминалци да ја направиме неисплатлива ако сакаме да се ослободиме од криминалците и криминалот без разлика дали станува збор за вакви безочни убијци, дали станува збор за политички криминалци, дали станува збор за друг тип на криминал и корупција, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Агенција за катастар на недвижности.

Ние мораме како влада и како држава сериозно да се занимаваме со битката против ваквите елементи и  девијантно однесување, изјави Мицкоски, подвлекувајќи дека  тоа е и негов личен приоритет.

Постојат политички глодари коишто мислат дека на таков начин ќе спечалат некаков политички поен на сметка на загубените животи, но жалам што таков тип на политички глодари не го гледаат минатото и не гледаат што оставија и што правеа додека беа тие во владата и што всушност ние денеска мораме да поразиме кое што е оставштина и би рекол наследство од тоа време кога СДСМ и ДУИ беше во влада. Но, ќе се бориме и ќе победиме. Треба на сите да им е јасно не се само тие. Набљудуваме уште неколку групи и овде во Скопје и во неколку други градови низ цела држава и во цела Македонија гледаме неколку групи. Овдека идентификувавме три групи кои за жал имаат логистика и во некои од затворите коишто се занимаваат со изнуда, со тероризам, со рекетирање, со тежок облик на криминал, точно ги знаеме кои се и очекувам многу скоро и за нив бавењето со криминал да биде неисплатлива професија, изјави Мицкоски.

Мицкоски, исто така, откри дека се работи и оти во многу брзо време ќе бидат откриени многу злоупотреби во институциите.

-Полека се комплетираат истражните органи и очекувам дека ќе имаме оваа есен прилично доста досиеја документирани со цврсти докази. Разговаравме и со директорот за неколку коишто од овде од Катастарот ќе произлезат, ќе биде интересно јавноста да ги слушне имињата коишто се тука инфилтрирани, некои ги слушаше во јавноста во изминатиов период, но кога ќе биде тоа се поткрепено со докази итн. на граѓаните ќе им биде многу јасно зошто се овие конструкции, зошто имаме се уште активни политички глодари коишто сакаат да креираат монструозни сценарија, но ние сме тука – ќе се бориме, мораме Македонија да ја исчистиме од криминал ако сакаме да одиме напред. Мора криминалот да биде неисплатлива професија ако сакаме да одиме напред, во спротивно ќе продолжиме да тонеме во ова политичко мочуриште, изјави Мицкоски.

Како Влада, нагласи Мицкоски, сме жестоко посветени по било која цена да се исчистиме од криминалот во секоја пора на општеството, „дали на улиците, дали во институциите, дали во власта секаде криминалот мора да биде поразен и ќе го поразиме“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.