Владата е целосно посветена на реализација на нашата стратешка цел за интеграција во Европската Унија, рече на денешната прес-конфереција Премиерот Христијан Мицкоски.
Во овој процес, не само што ја гледаме иднината на нашата држава како полноправна членка на Унијата, туку и како модерна, економски стабилна и просперитетна држава која ги исполнува највисоките европски стандарди.
Нашата визија за модерна и Македонија е повторно твоја, е заснована на принципите на инклузивност, владеење на правото и економски развој, што ќе ни овозможи да бидеме рамноправен партнер во европското семејство.
Денес ви ја претставуваме Нацрт-Реформската агенда за периодот 2024-2027 година која е резултат на нашите посветени напори да го унапредиме економскиот раст и стабилност на нашата земја во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан.
Овој план, инициран од Европската комисија има за цел да ги намали економските диспаритети на државата и Европската Унија, нудејќи им на граѓаните пристап до придобивките од Унијата уште пред официјалното членство.
Нашата Реформска агенда се темели на четири основни столбови:
• Зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија – Овој процес ќе го зголеми нашиот пристап до пазарите, ќе ја подобри трговијата и ќе ја поттикне регионалната стабилност.
• Продлабочување на регионалната економска интеграција – Преку зголемена соработка со нашите соседи во рамки на Заедничкиот регионален пазар, ќе создадеме посилна и поотпорна економија.
• Забрзување на фундаменталните реформи – Овие реформи се клучни за нашето усогласување со законодавството и стандардите на Европската Унија, овозможувајќи брз економски развој и значителни придобивки за сите наши граѓани.
• Зголемување на финансиската помош за реформите – Со финансиски пакет од 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди се грантови, економијата ќе добие значителна поддршка за спроведување на реформите и постигнување на нашите цели.
Според формулата, за нас треба да припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027. Реформската агенда за периодот 2024-2027 треба да биде усвоена од Европската комисија, со што ќе се отвори можноста за потпишување на Договор за механизмот за реформи и раст и Договор за заем. По ратификацијата на договорите, пак, ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од 7% од алокација на средствата, односно околу 52,5 милиони евра.
Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со Европската комисија и ќе опфати приоритетни области како што се реформите на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрување на деловното опкружување.Овие приоритети се клучни за подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани и за обезбедување на долгорочна стабилност и напредок.
Наша одговорност е да осигураме дека сите мерки и чекори предвидени во Реформската агенда ќе бидат успешно спроведени и дека ние ќе ја искористиме оваа историска можност за забрзан економски развој и интеграција во рамките на Европската Унија.
Секој чекор што го преземаме, секоја реформа што ја спроведуваме е во насока на натамошно имплементирање на европските стандарди.
Оваа Влада нема да застане пред ниту еден предизвик.
Ќе продолжиме да работиме со целосна посветеност и решителност за подобра иднина на нашите граѓани, затоа што знаеме дека нашата иднина е во Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.