Владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски пристигна во Приштина каде денеска заедничка седница имаат двете влади по што ќе бидат потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области. По официјалниот пречек, се одржа тет-а-тет средба на двајцата премиери, а во моментот се одржува меѓувладината седница, јави известувачот на МИА од Приштина.
Во 13:45 часот се очекува двјацата премиери да одржат заедничка прес-конференција.
Како што соопшти премиерто Мицкоски, по завршувањето на меѓувладината седница ќе се потпишат протоколи и меморандуми за соработка во три области.
Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини, каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас.
Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Македонија и Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.
Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.