„Имаме доволен број на пожарникари и доволен број припадници на Армијата и на МВР за да се справиме со пожарите, иако станува збор за огнена стихија која е на својот историски пик. Само вчера имавме 66 активни пожари на отворено, 40 успеавме успешно да ги изгасиме. Имајќи ја предвид температурата која што следи, ќе продолжиме со ваквите предизвици да се бориме и во август. Не очекувам големи промени“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски потенцира дека вчера имало историски незапаметен број на пожари на отворено – 66 и информира дека според информациите од МВР, постои основано сомневање дека причина за овие пожари во голема мера е невнимателност, а во голема мера е и намера истите да се предизвикаат.

„Ние ќе се бориме. Повторно го активиравме Европскиот механизам за барање поддршка во ваква кризна состојба. Република Чешка одговори со еден хеликоптер којшто треба денеска да пристигне, соседна Србија со уште еден хеликоптер, Унгарија утре ќе испрати четири теренци коишто се потребни за пределите коишто се непристапни. Истовремено и Словенија позитивно одговори. Германија ќе испрати два авиона и тој е капацитетот којшто ние во моментот можеме да го прифатиме. Можам да кажам дека состојбата целосно или делумно е или ќе биде ставена под контрола“, рече Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.