По самитот во Вашингтон во ексклузивно интервју за Македонската телевизија, премиерот Христијан Мицкоски испрати порака дека државата сака да гради добрососедски односи, но да се темелат на двонасочна улица. Во разговорот направен во Њујорк, каде имаше средба со македонските иселеници, премиерот вели дека жали што од самитот каде што требаше да се испратат пораки на обединување, има политичари што сè уште мислат на поделби.

„Жалам што од еден ваков самит, од кој требаше да се испрата пораки на обединување, имаме политичари кои се уште мислат на поделби. Мојата порака ќе биде, каква што е впрочем во целиот овој период, приципиелна, без двојни стандарди, а тоа е дека ние сакаме да градиме добрососедски односи, апсолутно, но тоа мора да се темели на двонасочна улица“, рече Мицкоски во интервју за МРТВ.

Премиерот посочи дека во македонската Влада повеќе нема политичари кои се подготвени да ја виткаат кичмата и од петни жили да се трудат да им удоволат на соседите.

„Повеќе за нивна жал, а за добро на македонските граѓани, во македонската влада нема да гледаат политичари кои се подготвени да ја виткаат кичмата, да го ограбуваат својот народ и од друга страна да се трудат од петни жили да им удоволат, без било каква аргументација, на соговорниците, во случајов нашите соседи. Ние сме подготвени со секого да градиме добрососедски односи. Тука немаме фрустрации, ниту има било каква пречка и бариера, но, повторно, тоа мора да биде двонасочна улица“, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.