Барам фер шанса за Македонија и мојот народ, каква што имале сите народи и држави кои пристапувале кон ЕУ, рече на денешната трибина во Велес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Неговиот говор ви го пренесуваме во целост:
Добра вечер Велес,
Добра вечер за центарот на Македонија,
За градот на Гемиџиите, градот на Коста Солев Рацин, на Костантинот Џинот, на Миле Поп Јорданов, на Рајко Жинзифов, на една цела плејада мажи и жени кои оставиле неизбришлива трага во македонската историја.
Нивните имиња не се само букви кои простум ги изговараме, туку пораки и спомен пред кој се поклонуваме со длабока почит и кои нема да го заборавивме.
Нивните животи се стожерот на кој се потпираме при сите земјотреси и потреси, тие се темелот на кој ја градиме нашата куќа.
Велес останал градот кој пишувал историја не само за себе туку и за Македонија. И кога ве гледам вечерва овде знам дека огнот за Македонија е жив, пламти и се разгорува и знам дека доаѓаат подобри времиња за кои мораме да се избориме во овие историски премрежја за нашата Македонија.
Многумина ќе речат дека овие 32 години независност ги поминуваме како на забрзана филмска лента и дека секогаш политичарите кои доаѓале говореле дека ова се историските времиња.
Но по 32 години независност, бројни откажувања, подголтнувања во име на иднината која никако да ја донесат, после 32 години чекања, попуштања, порази и национални разочарувања, еве не тука доаѓајќи до точката на одлука, до раскрсницата која е судбоносна за нашата Македонија. Историската димензија на овие времиња се отсликува и во тоа што ние веќе немаме шанса за луксузот за чекор наназад, затоа што назад е Македонија, а ние не смееме да се откажеме од нашето.
32 години Македонците попуштаат, се откажуваат во име на иднината и колективното добро, исто толку години Македонците губат. Го загубивме знамето, го дадоа името. Народот ја загуби надежта, сериозно се нарушува карактерот на државата. Ја проблематизираа историјата, јазикот. Погледнете и ќе видите дека нема темел кој не е нападнат, сериозно атакуван поради различни причини, и поради различни поводи. И морам да кажам дека за тоа не се виновни ниту Бугарите кои си тераат своја агенда, не се криви ниту Албанците, зошто и тие ги споделуваат истите маки како и Македонците на економски план. Не се виновни ниту Македонците, туку вината ја гледам во една мала тесна и корумпирана клика која секогаш поткелкнува пред историските предизвици затоа што се води од своите лични, за сметка на колективните интереси.
И затоа да не не чуди нивното однесување сега кога треба да се бранат државните интереси пред налетот на ирационалните барања кои атакуваат врз македонската држава. Имаме работа со уценети луѓе на власт.
Нема длабочина во политиката, туку сервилност која е до болка болна затоа што има отсуство на мудрост, активна дипломатија или борба за државни интереси.
Во државата направија тема од лидерска средба што во суштина треба да биде тековна работа кога се разговара за државните интереси. Се сопнаа и се заглавија на прашањето за форматот на средбата немајќи чувство за состојбата во која се наоѓа Македонија, ниту пак тежината за прашањата за кои мора да се носи одлука.
Цела недела гледаме една сапуница, каде со доза на напнатост од медиумите се дознава дали премиерот ќе прати официјално покана за лидерска, па потоа дали Ахмети ќе се согласи Ковачевски во 4 очи да разговара за иднината на својата држава, за да на крајот дали раководството на СДСМ ќе има доволно храброст и доверба во својот претседател Ковачевски да го пушти на таква средба.
Една суштинска средба за иднината на државата се претвори во борба за перцепција на власта, која е вистински неважна во пресрет на сериозноста на времињата и тешката позиција на државата. Непотребно е заглавување во суетите на луѓето од власта и во нивните стравови за Ковачевски за средбата.
Еве ќе им кажам јас Христијан Мицкоски ќе дојдам на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има. Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси. Македонија не е на распродажба.
И сакам да одговорам на неколку тези од власта кои се пласираат како де фокус од вистинските теми.
Прво е навистина неточно тврдењето дека ако не сме прифателе Уставни измени државата влегувала во изолација. Не може да влеземе некаде каде веќе се наоѓаме. Државата е веќе во изолација, а до тука сме поради тоа што владеат со криминал, и прават предавства на секој чекор. Секоја година ни велат дека сме почнале преговори со ЕУ, а преговори никаде нема. И така седејќи во чекалницата на ЕУ најлесно им е да кажат дека уставните измени ако не се донеле готово е нема веќе ЕУ, со кои патем нема ни преговори.
Второ, гледам дека од СДС не повикуваат да сме ги заштителе националните интереси и да сме прифателе уставни измени.
Дозволете да прашам од кога тоа прифаќање на диктати од оние кои не не признаваат како народ, промена на устав, без заштита на идентитет и јазик преставува заштита на национални интереси. Очигледно е дека ние и власта различно ги поимаме националните интереси.
Трето, голема невистина е тезата на власта дека од овој немало подобар договор и потполно е неточно тврдењето дека сега е моментот за исчекор. На овие кои се излажаа до сега зарем да им веруваме дека сега ја говорат вистината?
Сигурно можам да ви потврдам дека Македонија во минатото имала и шанси за подобар договор и дека секогаш кога се наметнувал моментумот сега или никогаш, Македонија ги доживувала најсилните разочарувања. Од тоа сега или никогаш состојбата на Македонија е драматично влошена а по 32 години независност ние збориме за есенцијално загрозени темели на државата. Да не се верува во овие убаво завиткани данајски подароци на СДС и ДУИ спрема народот кој има за цел да го оправда фијаското кон кое забрзано ја туркаат државата.
Четврто, од власта да трошеа енергија за убедување на меѓународниот фактор за подобри позиции за Македонија колку што сега трошат бесцелно време за кодошење на државата, убеден сум дека заеднички ќе постигневме многу повеќе, зошто кога е во прашање одбрана на национални интереси ВМРО-ДПМНЕ може да биде само сојузник, независно дали некоја партија е власт или не.
Мене ме интересира многу повеќе судбината на мојот народ од мојата лична кариера.
А кога сме кај меѓународниот фактор, јас ги разбирам нивните позиции и ВМРО-ДПМНЕ ги споделува стратешките интереси за интеграција на Македонија. Но јас не можам да ја разберам сервилноста на власта, нивното падавичење и отворено без кичмено додворување пред странскиот фактор. Тоа е така поради отсуство на достоинство и принципи кое е последица на тоа што немаат резултати во работата и се надеваат на простување и замижување на недостатокот на реформи. Сето ова донесе колективни неуспеси за Македонија. Кој сака може да ги затвора очите пред нивните тешки криминали, но јас нема и кажувам дека ќе одговараат за се што направија и за се што му погрешија на народот и на државата.
Ним им ја оставам сервилноста, а мене единствено важно ми е служењето за интересите на народот.
А она што го барам од меѓународниот фактор и Европската Унија е фер шанса за мојот народ и за Македонија. Фер шанса онаква каква што имале сите народи и држави кои пристапувале кон Европската Унија и од кои не се барало себеодрекување и кои се охрабруваа и поддржуваа на патот кон ЕУ.
Одговорно ви тврдам дека нема друг пример и нема поголема жртва дадена од друга држава на патот кон ЕУ како нашиот случај со нашата Македонија. Европските бирократи мора да го вреднуваат напорот што Македонија го даде на патот кон Европа кое несомнено е потврда за стратешката ориентација која неспорно ја имаме.
И во овој момент сакам да говорам дека клучно е да ја отвориме темата што по неуспехот на уставните измени.
Се чини дека владата нема никаков план ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини.
И затоа ви велам дека ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од било која провиниенција само за да ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција. И ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам својот рејтинг, и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно го зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа. Кога тие ќе заминат во опозиција, ќе и се раздени на Македонија. Кога тие ќе заминат во опозицијата ќе не биде.
Повторувам ова е пакт за национално единство со некриминализирани сегменти од општеството. А криминалците од сегашната влада ќе одговараат пред лицето на правдата.
Таквиот пакт за национално и државно единство ќе биде и добар одговор да ги здружиме силите и да се избориме низ силните предизвици кои надоаѓаат и да се бориме за фер шанса за која ви говорам.
И само така ќе одиме напред. И само така ќе градиме иднина. Треба да се препознае овој историски момент за понудена рака за обединување на македонското ткиво и за заедништво на македонскиот блок кој постојано губи овие 32 години и се откажува од својот супстрат загрозувајќи ја својата егзистенција. Говорам и за обединување на сите граѓани од сите вери и заедници застанувајќи зад определбата да изградиме нова и заедничка иднина.
А зошто го правиме ова? Меѓу другото и поради долгот кон предците и јунаците на нашата држава. И поради хероите пред чие вечно почивалиште и спомен стоиме во оваа спомен костурница.
А тие се само една капка од морето на херои кои ја платиле цената за нашата слобода, посебност, култура и постоење како народ и држава. Секое нивно дело говори за споменот врз кој е создавана Македонија.
И затоа ние како генерација која започнува да ја носи на свои плеќи оваа судбоносна борба за градење на иднина каква заслужува секој еден човек во нашата татковина, и борба која подразбира промена на нашето однесување и исправање на се што е погрешно овие 32 години независност со надеж да го вратиме ентузијазмот и мотивот кај луѓето на Македонија, ќе работам, ќе се жртвувам, ќе се борам искрено, и секој еден треба да знае дека ќе го дадам својот макисмум, последниот атом од силите да изградиме нова подобра иднина за сите луѓе во Македонија, да го вратиме мотивот за создавање на вредности, да ја градиме нашата држава, чесно, искрено, посветено.
Да не го разочараме народот кој е во апатија, да покажеме дека има многу повеќе шанси зад темниот хоризонт кој мора заедно да го менуваме.
Драги пријатели,
Половина милион наши сограѓани живеат во сиромаштија со само 150 денари на ден, а над 33.000 лица живеат во екстремна сиромаштија. Статистиката покажува дека секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година. Цените на храната во просек пораснале за 22%, додека цените на некои прехранбени производи се зголемиле за дури 36%.
Само во текот на минатата 2022 година во сиромаштија донесени се 20.000 дополнителни лица, од кои 5.000 нови сиромашни деца. Минималните трошоци на едно семејство во март изнесувале над 50.000 денари. Ве прашувам колку од вас земаат плата од 50 илјади денари за да можете да се прехраните.
Најновото истражување на Галуп Интернационал покажува дека повеќе од 40 отсто од Македонците би се иселиле од државата. Тоа значи дека луѓето не ја гледаат иднината тука затоа што системот ги гуши и не им дава да напредуваат.
Македонија ја заврши 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е 57 процент од бруто-домашниот производ. Тоа е историски најголем долг, но задолжувањето што се планира годинава, согласно со Буџетот за 2023 година, е над 1,6 милијарди евра!
За цели 6 години долгот е зголемен за нови 3 милијарди евра, со што ги задолжуваат и неродените деца.
Ја слушнав и тешката приказна на Ристе Андоновски од Чашка, тоа е реалниот живот во Македонија со кој се среќаваме преку акцијата Ова е Македонија.
И можам да ветам дека веднаш по падот на оваа влада, најглавниот фокус ќе биде економијата. Главниот фокус ќе се економијата, претприемништвото и поддршка на бизнисот, а целта е едноставна, повеќе пари за секого. Ние мораме преку ре индустријализација и константен економски развој да постигнеме стандарди базирани на вредности. На народот потребни му се пари, наместо демагогија, а на државата работа и резултати, наместо неспособност и порази.
Мораме најмалку да обезбедиме 20% покачување на просечните плати и 25% покачување на пензиите. Исто така, тврдам дека во рок од четири години растот на бруто домашниот производ ќе биде најмалку годишно 4% како и невработеност под 10%. Странски и домашни инвестиции и многу крупни промени во даночната политика, борбата против бирoкратијата и поддршка на младите.
Драги пријатели, да се случи ова потребно е владата да падне.
После историскиот резултат и победата на двата круга на локалните избори, и можеби за прв пат во независна Македонија од позиција на опозиција, една коалиција заедно со народот успеа да победи и на тој начин да обезбеди мнозинство, градоначалници и советници, ние започнавме една нова страница, но таа не доволно. Затоа што сите оние градоначалници кои доаѓаат од коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ на дневна основа се соочуваат со притисоци, намалувања, одземања на ингеренции. Таков пример беше овде во Велес, но сето тоа само дополнително ги мотивира овие луѓе да работат чесно, одговорно, достоинствено и храбро и да реализираат покрај сите овие предизвици и потешкотии најголем дел од ветеното за време на изборната кампања во 2021 година. Јас ја користам оваа прилика на секој еден од нив да им честитам и да продолжат така да работат и во иднина, одговорно.
Не се сме сите исти. А кога сме кај таа флоскула или пак што ќе одам јас сега да гласам секако ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Тука морам да не се сложам. Затоа што следните парламентарни и претседатеслки избори ќе бидат истористи во буквална смисла. Кога зборувам за историски, зборувам за историја која што ќе значи огромна победа. Победа на народот врз злото и врз сето ова што се случува овие 6 години. Кога зборувам за историја зборувам за историја која што ќе остане запаметена, и за генерациите кои што ќе дојдат после нас. А за тоа ни е потребна масовна излезеност на изборите. За тоа не е потребно да веруваме во тие флоскули дека сите се исти или дека секако ВМРО ќе победи. Не јас ве замолувам масовно да излеземе. И ова секаде го зборувам во оваа кампања Ова е Македонија за сите.
Не сме сите исти, од едната страна се Али Ахмети и Димитар Ковачевски, а од другата страна сте вие, народот. Ние сме со народот. Зар истите сте вие со Али Ахмети и Ковачевски. Од едната страна се тие кои што и велат НЕ на Македонија, а од другата страна сте вие кои што и велите ДА на Македонија.
Затоа мора да излезете масовно и да го поддржите ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ пред овој историски резултат, да добиеме мнозинство во парламентот, па да спроведеме реформи, да засукаме ракави и да работиме секојдневно макотрпно. Доста му е на народот чекање повеќе од 3 децении, да дојде некој подарок кој што некој замислен бирократ од Брисел ќе ни го даде. Сами треба да ги засукаме ракавите и сами да работиме за нашата иднина, од внатре да се смениме, ако сакаме некој од надвор да не цени. Се додека ние од внатре не се промениме, се додека ние од внатре не веруваме во самите себе, не очекувајте дека некој друг ќе верува во вас или дека некој друг ќе ви ја испише иднината. Самите треба да пишувате, оставете ги тие празни ветувања. Без пари ручек нема, никој не дава без пари ручек, секој сака да ви земе. Затоа ние потребна вашата поддршка.
Ќе дојдат луѓе од други политички партии, движења или не знам како себе ќе се претставуваат. Ќе ви се претставуваат во големи македонци, ќе ви кажуваат се што сакате да слушнете, буквално се, ќе зборуваат за разно разни популистички мерки. Ќе кажуваат дека само тие се оние кои што можат тоа да го направат. Но, тие ќе имаат само една цел, секогаш кога ќе ги погледнете во очи, гледајте ја нивната цел, а нивната цел е една, да го поделат антивладиниот глас во Македонија. да го поделат македонецот на изборите и да одработат најдиректно за овие двајцата Али Ахмети и Димитар Ковачевски.
Да не дозволиме тие луѓе да не заведат. Да не дозволиме тие луѓе да ни ја украдат иднината. Тие се полоши, платените патриоти и оние популисти со лажен тон. Тие се полоши дури и од овие двајцата. Затоа што тие на маката на народот сакаат да заведат, а потоа заедно со овие двајца ќе се радуваат на жолтиците кои што ќе им ги бројат позади завесата. Тоа не смееме да го дозволиме. Затоа треба да се обединиме околу единствениот столб кој што вистински застана да ги брани македонските национални интереси овие 6 години. А тоа е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Треба сите да се обединиме околу овој вистински столб, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Ја користам оваа прилика да ги поздравам и луѓето кои што се овде од коалицијата и се секаде каде што сме во оваа кампања се со нас, не бодрат и не подржуваат и цело време застануваат позади нас.
И трето, трето треба да се отвориме да не биде после тоа дека само уште ова ако го направевме тогаш ќе дојдевме до вистинската цел. Да се отвориме, да го отвориме ВМРО-ДПМНЕ кон секој еден кој сака оваа криминална Влада да падне, кој сака да излезе на избори и да работи против оваа криминална Влада на ДУИ и помалиот коалиционен партнер СДСМ. Нема луѓе кои што не се добредојдени, сите оние кои што сакаат да ја видат оваа криминална Влада на колена и кои што сакаат да ги видат криминалците со лисици на рацете, се добредојдени, секој еден. Затоа отварање треба, отварање кон секој еден човек.
Драги пријатели,
Тие не сакаат ни да го изговорат името на земјата, а ние велиме ова е Македонија, Македонија за сите!
Ова е Македонија, ова е Велес на сите луѓе! Со истата енергија каква овој народ и земја ги имале при сите големи победи, при сите свои илиндени, славни епопеи и победи.
Шанса не само за една, туку за сите генерации заедно оставени на страна овие 30 години.
Нашата борба е вредности, идеал и кауза.
Нашата борба е да ја обновиме Македонија.
Промените да победат, за заедничка иднина!
Ова е незапирливата сила на народот.
Ова е Македонија! Македонија за сите!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.