Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во Тема на денот во централниот дневник на ТВ Сител вели дека на вчерашната лидерска средба со Димитар Ковачевски понудил три датуми за избори оваа есен или широка влада, како и заштитен идентитет и брза интеграција во Европската унија.

Му го кажав мојот предлог за избори кои би се случувале оваа есен, како три можни датуми ги предложив 24 септември, први или осми октомври. Да одиме на избори, тој кој што ќе биде поразен да го поддржува победникот во одбрана на националните интереси. Значи да бараме гаранција за многу вековниот македонски идентитет, култура, традиција, посебност, обичај и јазик од Европскиот совет и преземав обврска преку премиери на земји членки таа точка да ја ставиме на дневен ред. И бидејќи сите велиме никој нема против македонскиот идентитет тогаш нема причина зошто таа точка да не биде на дневен ред и да се добие таков документ со кој што ќе се добие документ со кој што ќе биде потврда на македонскиот идентитет, од страна на највисокото европско тело, а тоа е Европскиот совет, каде што членуваат шефови на влади и држави од земји членки на Европска Унија. А од друга страна ќе ги видиме вистинските намери на нашиот источен сосед, дали е идентитетот проблем или не е – рече Мицкоски.

Претседателот Мицкоски посочи дека се понудил да побара економски пакет за проекти за суштински потреби на граѓаните во форма на грант и кредитна линија за македонското стопанство.

Второ реков дека ќе разговарам јас бидејќи сме од истото семејство на ЕПП со Урсула Фон Дер Лајен и ќе побарам економски пакет за проекти за суштински потреби на граѓаните, во форма на грант кој што ќе биде дел од буџетот на Европската комисија за 2024 година. И побарав кредитна линија за македонското стопанство за да може македонското стопанство да се подготви за процесот на пристапување кон ЕУ и да може подготвено да го пречека тој процес.

Мицкоски потенцираше дека му предложил на Димитар Ковачевски да се бара од Бугарија да имплементира барем 3 пресуди донесени од Судот за човекови права, укажувајќи дека покрај евроинтеграции, се зборува и за добрососедство, додавајќи дека не може само Македонија да биде добра и да испорачува, но како што рече Ковачевски ги одбил предлозите.

И третата работа која ја предложив, а тоа беше на Судот за човекови права во Стразбур има 14 пресуди од кои што 13 се конечни, а од тие 13, 6 се завршени, и Бугарија мора да ги имплементира. И реков еве нека изберат 3 тие нека ги имплементираат, бидејќи покрај евроинтеграции, зборуваме и за добрососедство. Ако зборуваме за добрососедство тоа значи двосмерна улица, не може само ние да бидеме добри соседи, мора и од другата страна да видиме дали тие ќе бидат добри соседи. Но, тоа беше одбиено – истакна Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.