Откако ќе се консолидираат и откако ќе заврши нивното внатрешно превирање, стојам на располагање и подавам рака заедно да градиме консензус и ставови коишто се од национално значење за нашата заедничка татковина, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, појаснувајќи го тоа што го кажа за СДСМ во својот говор на вчерашното одбележување на роденденот на неговата партија.
Одговарајќи на новинарски прашања во Собранието, каде што го достави списокот со предлози за членови на новата влада, Мицкоски рече дека бил воспитан „да не им го прави на луѓето тоа што не сака тие нему да му го прават“.
Реков дека нема да се мешам во внатрешните случувања кај нашиот политички противник, СДСМ, бидејќи не сакам да им го правам тоа на луѓето кое не сакам луѓето мене да ми го прават. А, за жал, во изминатите шест и пол години имаше разноразни сценарија коишто беа мотивирани од нашите политички противници да дојде судниот ден на ВМРО-ДПМНЕ, додека се борев заедно со моите соработници да ја консолидирам партијата. И очигледно успеавме во тоа, денеска ВМРО-ДПМНЕ е убедливо најголемата политичка партија – истакна Мицкоски.
Нагласи дека таа отвореност за дијалог и соработка важи за сите политички партии, порачувајќи „да не ни се случуваат грешките од минатото бидејќи на тој начин се слабеат позициите на државата, а истовремено се создава поголема фрустрација кај граѓаните“.
Како човек сакам да учам од грешките од минатото и истите да не ги повторувам. Не велам дека сум безгрешен, никој не е безгрешен и секој има слабости и добри страни, но тие страни да ги редуцираме – рече мандатарот и додаде дека во име на тоа вчера во говорот за роденденот на партијата кажал дека подава рака на СДСМ по нивното консолидирање заради национално единство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.