Светите браќа Кирил и Методиј се нашата светлина, нашиот прозорец кон светот, нашето непроценливо богатство кое со голема надеж и со огромна волја и го предаваме на човештвото. Свети Кирил и Методиј оставиле дело кое не само што е пред времето, туку еден милениум подоцна го победува времето и останува да свети пред луѓето, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Охрид.
„Тие му припаѓаат на цивилизираниот свет, и ние како нивна колевка, како и земја и народ од кој потекнува тоа семе, овие просветители целосно се согласуваме да се слават од сите народи во цивилизираниот свет на кој му подарија слово, букви, писменост и просветление. Но воедно, дозволете да бидам подеднакво гласен и да не се согласам со ирационалноста на политиката на источниот сосед кој негира секаква наша поврзаност со овие свети браќа и нашето човечко и цивилизациско право да се потпираме на нивното дело и да полагаме право на нивното наследство. И во тие нивни негаторски политики не само што нема никаква историска поткрепа, туку се повеќе станува очигледно дека нема темел на кој се потпира оваа Македонија и народ кој не сакаат силно да го затресат“, рече Мицкоски.
„И тука она што признавам дека не ме остава рамнодушен е тоа што нашите првенци од власта остануваа молчаливи во однос на многу отровни стрели и пропагандни пораки на источниот сосед“, дополни Мицкоски.
Порача дека не треба да се разочара народот кој е во апатија, да се покаже дека има многу повеќе шанси зад темниот хоризонт кој мора како што рече, заедно да го менуваме.
„Лошата вест е што врхушката на општеството е фрагментирана и драматично поделена за сите прашања и теми за кои мора да постои единство. Сите мои предупредувања и повици за национално единство за важните теми за Македонците за жал се одбиени од другата страна, а кога постои неединство, тие кои го сакаат туѓото, единствено ја користат таквата необединетост. И кога нема мудрост и разбирање за национално единство кај носителите на власта, тогаш јас повикувам на единство на народот и национално обединување. И воедно ние како политичка партија и јас лично ја прифаќаме улогата да бидеме на браникот пред сите налети на национално обезличување, опустошување и обезличување“, порача Мицкоски.
Според него, не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои, вели тој, работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство.
„Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме“, потенцира Мицкоски на денот на сесловенските просветители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.