Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика претседателот на државата Стево Пендаровски да не ги потпишува законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д кои се во собраниска процедура.

Мицкоски денеска во одговор на новинарски прашања рече дека она што загрижува е тоа што целиот процес околу изградбата на коридорите се одвива нетранспарентно и јавноста нема увид во договорот.

Сега излегуваат со некакви соопштенија каде што велат дека не се плаќаат пенали, туку биле дополнителни трошоци. Човек да не може да се изначуди на нивната глупост на отворена сцена. Затоа го имаме Пендаровски кој во улога на аналитичар се служи со народни мудрости, наместо да каже што ќе преземе. Јас го повикувам да не се крие позади Собранието и да излезе да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише. Да не го суспендираме правиот поредок во државата и Уставот и еднаш во овие пет години како претседател да одработи во интерес на граѓаните и државата, изјави Мицкоски при денешната посета на општина Аеродром.

Во однос на ставот на Владата за продолжување на работните часови од 40 на 60 часа, Мицкоски рече дека вчерашниот владин одговор не заслужува никаков коментар, но посочи дека тоа е кривично дело.

Тоа што тие го кажуваа вчера не заслужува буквално никаков кометар, но сакам уште еднаш да ги предупредам, дека свесно ја ставаат државата во подредена положба. Тоа е кривично дело и ќе повторам за ова кривично дело од првиот до последниот ќе одговараат, изјави Мицкоски.

Осврнувајќи се на вчерашната изјава на претседателот на државата дали ќе се кандидира на следните претседателски избори, Мицкоски рече дека Пендаровски со неговите изјави не престанува да се нуди на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ мислејќи дека ќе биде повторно претседателски кандидат.

Морам да го разочарам дека тој е најпосакуваниот противник за опозицијата на следните претседателски избори бидејќи сигурно ќе доживее дебакл од граѓаните и ќе изгуби, така што сите овие гимнастики и салта на отворена сцена не му доликуваат бидејќи сепак некакво портфолио на политичката сцена и треба достоинствено уште овие неколку месеци да ги одработи и да замине во историјата како еден лош пример како треба еден претседател да се однесува на една држава, рече Мицкоски.

Претседателот Пендаровски вчера за централниот дневник на телевизија „Сител“ изјави дека ќе ги чека финалните верзии на пакетот закони пред да одлучи дали ќе ги потпише указите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.