Ние како држава ги почитуваме и постапуваме доколку постојат такви пресуди од институцијата која е одговорна да носи одлуки за почитување или непочитување на човековите права. Тоа е Судот за човекови права во Стразбур. За жал, имаме земји-членки во Европа кои што имаат десетици такви пресуди кои што не ги почитуваат. Претпоставувам тоа ќе важи и за земјите-членки, а не само за кандидатите, рече премиерот Христијан Мицкоски по повод последните изјави на бугарската потпретседателка Илијана Јотова упатени кон македонските власти.

Мицкоски ја упати Јотова советите да ги даде и до тие земји-членки на ЕУ кои што треба конечно да ги почитуваат човековите права.

Имаме 14 пресуди за македoнската заедница во Бугарија. Ги повикувам истите овие кои што нас ни даваат совети, да ги советуваат и бугарските власти, да ѝ дозволат на македонската заедница барем да се организира во невладини организации. Не бараме да бидеме дел од Уставот, туку да се организираат во невладини организации. Тоа можат да го направат во таа насока, кажа Мицкоски од општина Гази Баба, каде што присуствуваше на поставување на камен-темелник за нова училишна зграда.

Јотова вчера од Ќустендил советуваше дека Македонија треба подобро да ги разбира европските вредности.

Би сакал да ги повикам моите колеги од Република Македонија да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање, бидејќи тогаш, кога ќе започнат вистинските преговори за пристапување во ЕУ, постои едно главно прво поглавје – „Основни права“. Овие права минуваат низ целиот преговарачки процес и ако има барем една земја која верува дека не се почитуваат човековите права, особено оние на претставниците на различни народи и народи, овој процес никогаш нема да заврши, рекла Јотова.

Според неа, нашата земја не знае да го почитува Договорот за добрососедство, при што додала дека „Бугарите никогаш не биле воспитувани да ги навредуваат соседите, ниту да имаат територијални, јазични или културни и претензии“.

Бугарската потпретседателка ова го кажа на настан со наслов „Бугарите на Балканот надвор од границите по 1878 година. Кодекс на опстанок“, кој се одржал под покровителство токму на Јотова и на кои учествувале и претставници на бугарските заедници од Македонија, Албанија, Грција, Косово, Романија, Турција и Србија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.