Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со Стопанска комора на Република Македонија, одговарајќи на новинарско прашање најави дигитална трансформација и проверка на имотната состојба како дел од сеопфатната борба против криминалот и корупцијата.

– Ќе кажам две работи кои се многу важни, а кои ќе бидат дел од сеопфатната борба против криминалот и корупцијата, а тоа е дигиталната трансформација која ќе биде приоритет на идната влада. Не може да се борите против криминалот и корупцијата посебно на државно и институционално ниво доколку не воведете своевиден вид на отчетност и транспарентност на работењето на тие институции. Ценам дека преку дигиталната трансформација на општеството ние ќе обезбедиме таков тип на отчетност и транспарентност да може граѓаните да ја следат работата на администрацијата, буквално во секој момент, изјави Мицкоски.

Мицкоски посочи дека денеска за жал многу од процесите кои треба да ги води администрацијата и луѓето кои ја водат, а често пати именувани од владата се длабоко навлезени во сомнежи за сторен криминал и корупција  и затоа ваков тип на отчетност и транспарентност во голема мерка ќе им ги врзе рацете и ќе го намали маневарскиот простор и луѓето кои се дел од таа администрација ќе можат без притисокот од претпоставените да го водат процесот онака како што треба и како заслужуваат граѓаните.

 

– Второ, многу е важно да го спроведеме процесот на проверка на имотната состојба на граѓаните, и јас тука реков ќе почне од мене, се пријавувам како доброволец заедно со моето потесно и пошироко семејство. Тој процес може многу лесно да се спроведе со споредување на неколку бази на податоци, меѓу кои на Катастар, УЈП, Централен регистар и тн. Ако се споредат тие, ќе видиме како бизнисмени со милионски возен парк се пријавени на минималец и се поставува прашањето како тие успеваат да го стекнат тој милионски возен парк или пак имот во недвижнини. Или како многумина луѓе кои во минатото биле дел од политиката станале просечни или натпросечни бизнисмен, тие или  нивните семејства, како наеднаш им тргнал бизнисот, како наеднаш илјадакратно го зголемиле својот капитал, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски додаде дека не само политичари бизнисмени, тука има и бизнисмени кои биле дел од судство, обвинителство, да видиме како да речеме судии и обвинители несразмерно го зголемиле својот капитал кој не содејствува на приходите кои ги имале, а кои се податок кој го поседува УЈП.

Ние имаме закони на хартија, но тие или не се спроведуваат или малку се спроведуваат и ние ќе почнеме сериозно да ги спроведуваме, рече тој.

Мицкоски нагласи дека за да не биде лицемерие или двојни стандарди тој се пријавува прв за проверка, а потоа нека се проверат сите останати.

– Да видиме како се располагало, како роднини на политички моќници купуваат недвижнини во центар на главен град, други градови или како се стекнуваат со деловни простории од милиони евра.  Не можеме да зборуваме за иднината ако нема одговорност за минатото, мора да имаме иднина на која граѓаните ни веруваат, изјави Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.