Али Ахмети продолжува да биде фактор за нестабилност и тоа мене ме загрижува, но ги загрижува и нашите меѓународни партнери бидејќи Али Ахмети и ДУИ се повеќе, и на дневна основа стануваат фактор на нестабилност, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Коментирајќи го соопштението на ДУИ дека власта ги уништува сите досегашни постигнувања во државата и ако се допре законот за јазиците, сите Албанци ќе бидат на нозе, премиерот Мицкоски посочи дека тоа е дел од реториката на опозицијата која нема да може да предизвика нестабилност.

-Се навикнавме на изјавите на Али Ахмети да биде фактор на нестабилност, со воинствената реторика да повикува на немири и нестабилност, но тоа што го кажува немислам дека може да предизвика нестабилност бидејќи Албанците, но и сите граѓани во Македонија се свесни за сето она што лично го направи тој и тие неколкумина околу него во изминатите повеќе од дваесет години додека беа власт. Претпоставувам пораката се однесува на истите оние уставни судии кои што тој во Речица и оние на Бихаќка ги поставија во Уставен Суд. Законот за употреба на јазиците е во Уставниот Суд, а ако се погледне, таму се луѓето кои излегоа во тефтерчето од Речица и на Бихаќка. Претпоставувам дека притисокот врз тие луѓе продолжува и се бара некоја преносна структура да ја пренесе пораката. Не мислам дека ова е нешто сериозно, но тој продолжува да биде фактор за нестабилност и тоа мене ме загрижува, но ги загрижува и нашите меѓународни партнери бидејќи Али Ахмети и ДУИ се повеќе и на дневна основа стануваат фактор на нестабилност, истакна Мицкоски.

За претседателот на Владата неприфатлив е ставот на ДУИ дека премиерот им се заканува на опозиционерите злоупотребувајќи ја државната позиција.

-Политичките криминалци треба да се загрижени. Соопштението на ДУИ се однесува на мојата вчерашна изјава дека обвинители кога ќе треба да реализираат акција против криминалци кои што беа дел во претходните 7 години власт, тие тогаш добиваат стомачен вирус, температура, настинка…Поентата е работата да се заврши во истиот ден. Претпоставувам затоа се вознемирени бидејќи тие се навикнати на обвинителите да им седат на глава. Вознемирени се и нормално е што упатуваат такви пораки. Инаку јас никому не се заканувам, бидејќи тоа не е дел од мојот карактер и се што правам, правам без закани, нагласи Мицкоски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.