Власта многу пати досега на темата уставни измени во јавноста ги пласираше тезите за промена на Уставот на Република Македонија, по моделот во Република Хрватска. Оваа држава, Република Хрватска, е земја членка на ЕУ па оттука и промената на уставот по т.н. хрватски модел за ВМРО-ДПМНЕ е сериозно применлив и прифатлив. Затоа, испраќаме јавна понуда до власта при промена на нашиот устав да го примениме хрватскиот модел во целост во однос на преамбулата, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Со тоа, Македонија ќе го промени мултиетничкот карактер во унитарен и аналогно на тоа Македонија ќе е држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинствата, кои живеат тука. Еве како би изгледал македонскиот устав, односно преамбулата ако би се земала во предвид хрватската преамбула: Република Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинствата: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и др., кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со тие на македонскиот народ и остварување на националните права, во согласност со демократските норми на Организацијата на Обединети Нации – вели Митева.
Таа додава дека со тоа, сегашната преамбула ќе претпрпи значителна промена од причина што актуелната преамбула гласи:
Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите!
Воедно, спремни сме да разговараме сите националности кои се забележани во последниот попис да бидат дел од националните малцинства, но Македонија да биде унитарна држава. Ваков модел, во оваа форма ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е подготвена веднаш да поддржи, без никакви условувања. Очекуваме СДСМ и ДУИ да го прифатат овој предлог од причина што самите постојано се прокламираат за европски политичари, па оттука после нивните изјави со кои хрватскиот модел го предлагаат како најсоодветен пример за промена и примена во Македонија не веруваме дека сега би биле против овој модел и би одбиле Македонија да биде унитарна држава – вели Митева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.