Иако системот на ФЗОМ две недели е крахиран, осигурениците не можат да добијат никаква информација, лекарите не можат да добијат плата, сепак директорот од ДУИ, Фатон Ахмети, е на одмор во САД, тој не е на своето работно место и официјално потврдија од ФЗОМ дека користи годишен одмор, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Директорот Ахмети, користи годишен одмор затоа што е во политичка посета, како кадар на ДУИ бидејќи неговата посета не е од позиција на директор, туку лична, и единствениот бенефит е негово политичко надградување. Ова го потврди и самиот тој со тоа што обелодени дека е на лидерска визитинг програма, која се спроведува за политичари, а не за државни функционери. Заради неспособноста на менаџментот на ФЗОМ, од кој дел е и Ахмети, целиот систем на податоци на фондот беше и сеуште е загрозен и е под сериозна опасност, со можност податоците да исчезнат и да треба да се внесуваат рачно со месеци. Епилогот до сега е лекари без плата и голем број закочени процеси.Ковачевски како премиер молчи само заради поддршката на ДУИ, без која тој воопшто нема да биде на таа функција, и затоа е заложник на истите. Фрапантно е што две недели Фатон Ахмети не најде за сходно да го прекине својот политички престој и додека податоците на осигурениците, нивните лични информации и дијагнози се загрозени тој како член на политиката партија ДУИ остана на политички престој. За ДУИ и СДС државата и нејзиното функционирање се секогаш во втор план. Имено, Фатон Ахмети, со ваквата постапка покажува дека за него неговиот политички ангажман во ДУИ е поважен од државната функција, која што ја извршува и за која е платен од граѓаните. Фатон Ахмети исто како и Артан Груби, го стави својот личен интерес пред интересот на граѓаните од чиј пари е платен – истакна Митева.

Ковачевски пак, наместо да молчи и да прави квази реконструкции на владата треба веднаш да го разреши Фатон Ахмети од позицијата директор на ФЗОМ, а доколку не го направи тоа само ќе стави печат на фактот дека е заложник на ДУИ, со чија помош сеуште се држи на власт, додаде таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.