Благодарност за досегашната континуирана поддршка од нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави за развој на нашата земја особено за развој на одбранбените капацитети, изрази министерот Мисајловски на денешната средба со амбасадорката на САД, Ангела Агелер, новото одбранбено аташе полковник Даниел Сквајерс и потполковник Шон Руфоло, шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка, која се реализираше во Министерството за одбрана.

„Заедно со нашиот стратешки партнер ја зацврстуваме националната, регионалната безбедност и колективната одбрана во Алијансата. Мирен и стабилен регион е од особена важност за прогрес на сите земји од Западен Балкан, а македонската Армија како докажан сојузник ќе продолжи активно да придонесува во операциите за поддршка на мирот“, потенцира министерот Мисајловски.

Тој посочи дека САД во изминатите 30 години активно придонесуваат за стабилен регион, а благодарение на програмите за обука, тренинг и стручно усовршување, како и поддршката за модернизација и опремување на Армијата, денес припадниците на Армијата даваат значаен придонес во рамки на командните структури на Алијансата и во мировните мисии предводени од НАТО, ЕУ и ООН.

Од двете страни беше искажано уверување дека одличната одбранбена соработка помеѓу двете земји ќе продолжи со засилен интензитет.

На состанокот меѓу другото се разговараше и за актуелната безбедносна состојба во регионот и на Европскиот континент во насока на зачувување на безбедноста, стабилноста и мирот на граѓаните, како и за претстојниот Самит на НАТО кој ќе се одржи наредниот месец во Вашингтон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.