Министерството за здравство ќе формира комисија која ќе треба да утврди дали имало пропусти во лекувањето на родилката и новороденчето од Ресен кое минатата недела почина 30 часа по породувањето.
По барањето на Државниот санитарен и здравствен инспекорат, денеска министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиумите рече дека ваква комисија ќе се формира.
Мора да направиме штом Испекторатот така мисли. Денес добив краток брифинг и за тоа. Ќе направиме комисија и веднаш да излезат и да констатираат што се случило, изјави Таравари кој по преземањето на функцијата ги посети хируршките клиники во Скопје.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат по извршениот вонреден надзор соопшти дека ќе иницира формирање комисија со цел да се утврди дали имало пропусти во начинот на лекување. Како што информираа денеска оттаму вонреден инспекциски надзор бил извршен на 20 јуни во битолската Болница, на Клиниката за детски болести во Скопје и во приватната здравствена установа „Д-р Тони“ во Битола.
Од увидот во неонатолошката документација е констатирано дека новороденчето било доносено и при раѓање имало ливидна кожа, ослабен тонус, ослабени рефлекси и брадикардија.
Веднаш е направена аспирација, вештачка вентилација, тактилна стимулација и срцева масажа. Ординирана е терапија, направени се лабораториски анализи (крвна слика и ацидобазен статус) на ден 14.06.2024 и 15.06.2024. Поради влошување на клиничката слика на ден 15.06.2024 година од страна на неонатлог од битолската Болница по претходна консултација со анестезиолог од КАРИЛ и ЈЗУ УК за детски болести – Скопје извршен е транспорт со медицинско возило но во тек на транспортот доаѓа до дополнително влошувањена општата состојба со брадикардијата. При прием на Клиниката за детски болести новороденчето е без срцева акција и дишење, спроведена е реанимациска постапка по протокол, без одговор на истата и е констатиран Exitus letalis во 16.55 часот. Упатената дијагноза е P22.9 (респираторен дистрес синром) а причина за смртта Insufitientio cardiorespiratoria, се наведува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.