Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска упати апел до идните средношколци при уписите во средните училишта, кои почнуваат на 20 јуни, да се фокусираат на средното стручно образование бидејќи, според неговата оцена, тоа нуди поголема можност за добра иднина.
Ваквиот апел министерот за го упати за време на денешната посета на средното училиште „Георги Димитров“ и компанијата за мебел „Ацески“ кои имаат воспоставено соработка за спроведување на практична обука на учениците. Шаќири во посета на средното училиште и компанијата беше заедно со швајцарската амбасадорка во земјава Вероник Улман и извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).
Државата, како што истакна Шаќири, има дефицит од стручен кадар и доста работни места со солидни примања, каде што се бараат квалификувани работници, кои не се пополнети. Со диплома од средно стручно образование, рече тој, младите кои ќе ќе ја одберат оваа насока, ќе можат полесно да се вработат, а истовремено ќе имаат добра основа и за понатамошно академско образование.
Образовниот процес во средните стручни училишта е интересен и квалитетен, затоа што во најголемиот дел од нив всушност се спроведува концептот на дуално образование, кој го воведовме, го развиваме, спроведуваме и промовираме заедно со бизнис заедницата, со коморите, локалните самоуправи и со голема поддршка од швајцарската амбасада“, рече Шаќири.
Тој нагласи дека за учениците е обезбедена повеќе практична настава, за сметка на изучувањето теорија и тоа директно на работно место во компанија.
Годинава преку 450 компании ќе примаат ученици на практична обука, а ќе се доделат и 1 500 стипендии за учениците што ќе одберат дуално и воопшто средно стручно образование.
Нека сето ова биде мотив за полуматурантите да одбираат средни стручни училишта и да си обезбедат подобра иднина за себе, а секој нивен успех понатаму, ќе биде и придонес кон напредокот на државата“, додаде министерот.
Пријавувањето и запишувањето на учениците во средните училишта во учебната 2023/2024 ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во јуни, односно на 20 и 21 јуни и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со најава на средношколците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.
Во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од одредени предмети од осмо и деветто одделение.
Конкурсот предвидува речиси 30 илјади слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. Во во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6 475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.