Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, при учеството на Бледскиот стратешки форум, каде се обратил на панел на тема „Европа целосна и слободна: Возобновена заложба за европската безбедност“, ја нагласил важноста на проширувањето на ЕУ како најуспешна надворешна политика на Унијата.
Како што соопштија од МНР, Муцунски истакнал дека новата македонска Влада е посветена на дејствување како кредибилен европски партнер и на спроведување реформски процеси што ќе ги приближат стандардите до оние на земјите-членки.
На маргините на форумот, Муцунски остварил одделна билатерална средба со министерката за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон.
Двете страни разменија мислења за актуелните состојби во земјите и регионот, изразувајќи задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка, потврдена преку заемната помош и солидарност во изминатиот период. Муцунски се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес, додека министерката Фајон потврди дека Словенија и понатаму ќе остане наш пријател и поддржувач на евроинтегративниот пат, стои во соопштението од МНР.
На покана од министерката Фајон, Муцунски присуствувал на работен појадок посветен на прашањето на сукцесијата на поранешната СФРЈ. На појадокот учествувале и останатите министри од наследничките земји, кои ја потврдиле својата решеност да го продолжат процесот на сукцесија, планирајќи редовни состаноци на министерско и оперативно ниво.
Во рамките на форумот, Муцунски учествувал и на работен состанок со министрите за надворешни работи и специјалните претставници за Западен Балкан, каде што се дискутирале актуелните состојби во регионот, со акцент на европските перспективи и напредокот во евроинтегративните процеси. Министрите едногласно се согласиле дека проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на регионот.
Муцунски остварил и други значајни средби, меѓу кои и со заменик-директорот за Европа во Европската служба за надворешна акција, Марко Маковец; претседавачот на Глобалниот Европски центар во САД, Филип Рикер; комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти; и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.