Министерот за одбрана, Владо Мисајловски кој ја предводи македонската делегација за време на работната посета на Соединетите Американски Држави, придружуван од началникот на Генералштабот, генерал мајор Сашко Лафчиски, во Пентагон оствари средба со Аманда Дори, потсекретар за одбранбена политика, соопштија од МО.
Потсекретарот за одбранбена политика, Аманда Дори ги истакна цврстите билатерални односи меѓу двете земји, искажувајќи ја подготвеноста за продлабочување на меѓусебната соработка. За време на средбата од страна на потсекретарот Дори беше изразено задоволство за нашата посветеност за модернизација на македонската Армија и за подготвеноста за справување со заедничките одбранбени предизвици, како членка во НАТО Алијансата. На средбата министерот Мисајловски се заблагодари за поддршката од САД во процесот на модернизација и опремување и порача дека остануваме целосно посветени на заедничката соработка, согласно Патоказот за соработка во одбраната кој е израз на нашите заеднички одбранбени цели. Мисајловски истакна дека помошта и поддршката која ја добиваме од САД е од големо значење, во насока на зајакнување на националните одбранбени капацитети, модернизација на Армијата и исполнување на меѓународните обврски. По средбата во Пентагон, министерот Мисајловски го посети Меморијалниот центар „Арлингтон“ во Вашингтон, каде оддаде почит на загинатите американски војници и положи венец на Гробот на незнајниот војник, истакнуваат од МО.
Во рамки на посетата, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова и началникот на Генералштабот, генералот Сашко Лафчиски, остварија средба со Треша Гуенов, главен заменик на помошникот секретар за одбрана за меѓународна безбедност, на која се дискутираше за модалитетите за зајакнување на одбранбената соработка, додаваат од министерството за одбрана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.