Вчера Министерството за правда соопшти дека  ќе го менуваат законот за Академијата за судии со злоупотреба на европско знаменце, за да се озакони писмено полагање на главниот тест за прием на новите 130 судии и обвинители. Изговорот е заради непредвидени проблеми во набавката на електронски софтвер за полагање на квалификацискиот тест во Академијата за судии. Но, оваа манипулација се побива со чл.55 од Законот за јавни набавки, каде доколку е нешто итно, може да се направи итна и неодложна набавка и на електронски софтвер со преговарање, без јавен оглас, обвини Антонио Милошоски

Плус, во Македонија има најмалку 7-8 правни лица кои имаат соодветен електронски софтвер и опремени простории за електронско полагање на испити, вклучувајќи го тука и самиот Правен факултет “Јустинијан Први”, Скопје.

Да биде појасно, за разлика од електронското полагање, писменото полагање на квалификацискиот тест на Академијата значи човечко влијание, можност за манипулации, дополнително одговарање од страна на трето лице на неодговорените прашања и доделување на максимум поени на владините фаворити за судии и обвинители.

Затоа, реакцијата на мин.за правда значи дека владата во заминување сака пред распуштање на Собранието по секоја цена да си намести луѓе кои утре од позиција на обвинители и судии ќе треба да ги заштитат одговорните за скандалите во М-НАВ, онкологија, за БЕСА транс, убиствата на Панче и Вања, за милионските тендери во РЕК Битола, за двете евтини куќи во Тафталиџе2, за Соравија, за незаконитото работење на видео-лотариите и за многу други скандали.

Зракот надеж во ова агресивно владино наметнување на ад-хок правила е што во раководните органи на Академијата за судии има неколку поединци кои не сакаат да си го извалкаат интегритетот и не сакаат да го аминуваат овој владин “кронизам” за инсталирање на марионети во правосудството. Таквите совесни поединци и понатаму се свиркачите чии информации го разобличуваат брзањето на власта со злоупотреба на европското знаменце да го озакони писменото полагање на главниот испит, а тоа е следниов КОАЛИЦИСКИ ДОГОВОР:

Од вкупно 130 идни судии и обвинители, според изворот од АСЈО, на Академијата ќе бидат запишани:

25 од листата утврдена од страна на ДУИ
20 од листата на Алијанса
45 од листата на СДСМ и
10 од помалите коалициони партии.

Останатите 30 судии и обвинители ќе бидат избрани од најдобрите меѓу преостанатите 200 пријавени кандидати.

Значи од предвидените 130 идни судии и обвинители кои треба да се запишат на Академијата, 100 се однапред познати, според “кронизам” методологијата и тие писменото полагање на тестот ќе го поминат со максимум бодови. Реална трка за запишување во АСЈО ќе има само за преостанатите 30 места, за што во конкуренција се 200 кандидати кои не се на владините  коалициони листи на СДСМ, ДУИ, Алијанса и другите помали партии.

Во следниве денови предлогот за измена на Законот за АСЈО со злоупотреба на европското знаменце се очекува да помине на Влада, а потоа експресно да стигне во Собрание. Целта е Законот да се изгласа по скратена постапка преку Комисијата за европски прашања, за до крајот на јануари да може да се организира фиктивното писмено полагање на квалификацискиот тест за судиите и обвинителите, од кои 100 се веќе однапред се утврдени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.