За работните групи кои што СДС ги формира да имаат смисла, партијата мора да каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време, рече на денената прес-конференција меѓудругото пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Првиот предлог кој го даде претседателот на ВМРО, Христијан Мицкоски е:
Преодна влада без ДУИ, излегување на ДУИ од сите ешалони, и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во ЕУ. И таа би добиле како држава гаранција дека и Бугарија ќе биде активно заинтересирана за наше вклучување во ЕУ, и дека Македонија ќе добие одредена извесност дека нема да има понатамошни бугарски ирационални блокади.
Вториот предлог кој што го даде ВМРО-ДПМНЕ е предвремени избори оваа есен, при што дадени се три датуми за кои што СДС би требало да размислат кога би се одржале во септември или октомври, потоа да се обезбедат гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на Македонија, со тоа што ќе се гарантира многувековниот идентитет, но истовремено ќе се дадат и осигурувања дека државата повторно нема да ги има секоја година ирационалните блокади од Бугарија. Дополнително, после изборите новиот премиер на Македонија ќе побара и економски пакет за подобар стандард во државата од страна на Европската Комисија, кој што ќе значи припрема и на стопанството и на граѓаните за конкурентност во самата ЕУ. А, од Бугарија заради добрососедство би побарале исполнување на 3 пресуди од ЕСЧП во Стразбур кои што се веќе правосилни, по избор на официјална Софија. Така ќе докажеме дека кога говориме за добрососедство не говориме само за компромиси или концесии од страна на Македонија туку разговараме и за обврски кои што се меѓународно валидни и за Бугарија.
После тие предвремени избори кој и да биде опозиција ќе има обврска да ја поддржува Владата и државата во овие чекори за интерес на Македонија и на нашата евроинтеграција.
И двата предлози, и првиот и вториот напоменуваме опфаќаат детронизирање на ДУИ, бидејќи тие се 20 годишен вирус кој ги атрофира институциите со висока корупција и голема неефикасност.
ДУИ не е повеќе во позиција да условува, тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, дека ДУИ треба да оди во опозиција и дека тоа ќе биде корисно за институциите и за довербата на граѓаните во државата. Високата корупција мора да се соочи со одговорност, а во рамките на ДУИ истата постои на големо.
Формирање на работни групи би имало смисла само доколку СДС јасно каже, кој од овие два предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив.
Дополнително сакаме да потенцираме дека сите спинови околу уставните измени и нивно прифаќање под бугарски диктат се невистинити бидејќи ВМРО-ДПМНЕ напоменува и кон СДС и кон ДУИ во овие околности вакво диктирање на уставни измени нема да поминат.
Доколку не веруваат нека ги предложат уште во понеделник во Собрание и ќе видат дека ќе доживеат неуспех.
Затоа наместо СДС да свикува ИО и ЦО, и да формира работни групи кои што не би имале суштинска работа подобро е да прифати да се откаже од ДУИ и второ јасно да каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ се за нив прифатливи.
СДС и ДУИ се свесни дека ја губат власта која што долго време, за жал, ја злоупотребуваат, но доаѓа времето кога ќе треба да се соочат и со избори и со одговорност. За сите постапки и грешки и незаконитости ќе има одговорност, без разлика кој предлог од ВМРО-ДПМНЕ за СДС ќе биде прифатлив. Од тоа бегање нема. Затоа очекуваме СДС да даде одговор, наместо да продолжува со манипулации, порача Милошоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.