Државата е навистина доведена во незавидна ситуација каде нема луксуз да се делиме, поларизираме, пребројуваме на ваши, наши, нивни, треба сите можни ресурси да се ангажираат за да може да постигнеме одредени цели и затоа е таа подадена рака и кон тие кои се претставници и симпатизери на СДСМ.

Но тоа не значи дека некој што се огрешил пред законот ќе биде заштитен од одговорност. Ако некој бил директор, министер, функционер од СДСМ и ДУИ и според материјални докази се докаже дека го прекршил законот ќе си одговара согласно законските одредби, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.

Милошоски продолжи и додаде:

„Ќе треба да се направи силна динамика на работа на извршната власт и Собранието заеднички бидејќи тоа што најмногу загрижува од податоците кои ги добивме од техничката влада од министерството за финансии преку претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, заменичкиот министер за финансии дека државниот буџет и приходите во државниот буџет се на критично ниско ниво. Во најголемиот дел од министерствата и институциите доведено е сервисирањето на основните услуги кои овие институции ги даваат. Тоа ќе биде најголемиот предизвик на новата влада како да се покрие финансиската штета која беше направена од СДСМ и ДУИ за да може буџетот да се врати во кондиција“, рече Милошоски.

Тој потенцираше дека секој министер и директор на поголемо државно претпријатие откако ќе влезе во институцијата треба да си направи основна ревизија на буџетската состојба на институцијата што ќе ја раководи и актуелната финансиска состојба без разлика колку таа да е лоша да ја сподели со јавноста.

„На сите овие номинирани кандидати за министерски позиции треба да им се честита за тоа што прифатиле ваков предизвик секој еден од нив е свесен дека влегува во тешка ситуација во сите министерства. Токму тоа е предизвикот полошо од ова не може да биде мора да направиме Македонија да ја искористи оваа шанса да ги врати министерствата во вистински колосек да ја подобри ситуацијата и стандардот во државата“, вели Милошоски.

Милошоски укажа на тоа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува да одвои добар дел од буџетот кон општините со однапред подготвена проектна документација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.