Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека Собранието е комплетно со 120 пратеници и дека собранискиот спикер треба да се охрабри и да ја свика Комисијата за избори и именувања, впрочем како што тоа го прави и со останатите комисии, на која треба да се изберат уставни судии.
Мицкоски го истакна ова по средбата со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата дека опозицијата намерно го блокира Собраните, односно одредени комисии каде што нејзините пратеници прават мнозинство и дали опозициски пратеници ќе се повлечат од комисиите.
За мене поголем проблем е што оваа влада на СДСМ и ДУИ не се повлекува по поразот на СДСМ на изминатите локални избори во првиот и во вториот круг и очигледното расположение во јавноста, да оваа влада замине и дека државата, односно дека Македонија се движи во погрешен правец. Тоа е посуштински проблем – изјави Мицкоски.
Во однос на Комисијата за избори и именувања, Мицкоски истакна дека таа има доволен број на пратеници и дека доколку власта предводена од СДСМ-ДУИ сака да партизира уставни судии и по партиска директива сакаат да изберат судии за во Уставниот суд и членови на регулаторни тела, ќе направи се што е во негова моќ тоа да не го дозволи.
Ако зборуваме за Комисијата за избори и именување во рамките на Парламентот, таа си има пратеници. Јас колку што имам информации, а последно од денеска, а тука е и еден од тие 120 пратеника, Парламентот има 120 пратеници, не е распуштен, нема исчезнати пратеници. Имаше еден, па го најдоа, јас како што знам. Така што и таа комисија има доволен број пратеници, треба само да се охрабри спикерот на Парламентот да ја закаже и таа комисија да си заседава.
Сега, доколку тие сакаат да партизираат уставни судии, по партиски декрети да се ставаат таму, доколку сакаат членови на регулаторни тела да бидат по партиски декрети, простете, но јас нема да се сложам и ќе направам се што е во моја моќ тоа да не го дозволам. Така што, го охрабрувам спикерот Талат Џафери да ја закаже таа седница, како што тоа го прави и со останатите комисии во рамките на Парламентот. А, верувајте ми Парламентот е комплетен, бар сега за сега, со овие 120 пратеника во него – истакна Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.