Во изминатите сто дена градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ започнаа повеќе од 1000 проекти. Започнати се со реализација 166 капитални објекти низ цела Македонија, потсетува претседателот на ВМТО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Започнати се со проектирање, градба или реконструкција на нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од приближно 100 км. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се 200 диви депонии.

Општините ги отворивме за граѓаните. За услуги за кои се чекало со години, денес се потребни минути. Предмети за легализација на дворови, доградби, меѓи седеле низ архивите на општините. Сега за само сто дена во Кисела Вода се легализирани повеќе од 490 дивоградби, во Битола издадени се повеќе од 1100 решенија за легализација, со несмалено темпо овој процес се случува насекаде во Македонија каде што градоначалници се избрани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или коалицијата, рече Мицкоски вечерва во Филхармонија, презентирајќи ги резултатите од сработеното во изминатите 100 дена.

Мицкоски издели дел од над 1000 проекти на кои се работи низ општините каде ВМРО-ДПМНЕ има градоначалник или тој доаѓа од коалицијата која што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ.

Во Битола е започната подготовка на документација за изградба на нов спортски комплекс како и проект за реконструкција на 23 улици. Во тек е реконструкција на Мостот кај Безистен и уште многу други проекти.

Во Охрид завршен е проектот за замена на водоводна и канализациона мрежа во ОУ Братство-Единство во населба Лескајца. Завршен е тендерот за реконструкција на училиштето Св. Кирил и Методиј, за Гимназијата Св. Климент Охридски изработени се проекти за внатрешно уредување и надворешно уредување. Продолжува проектирањето и реализацијата на канализациони и водоводни мрежи.

Во Аеродром се започна со градба на две нови градинки. Општината започна со проект за нула корупција и за нула отпад во Аеродром. Се запира урбаното дивеење и се бришат маркици за градба на згради во густо населените области.

Во Ѓорче Петров во тек се градежни зафати за реконструкција на ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ и се започна со работи и градба нов мега парк во оваа општина,  притоа се исчисти најголемата дива депонија во Ѓорче.

Во Гази Баба започна втора фаза од фекалната канализација во населено место Гоце Делчев, инвестиција вредна 10 милиони денари. За 100 дена се изврши реконструкција на кошаркарското игралиште во училиштето „Григор Прличев“ во Железара, и уште многу други проекти, канализациони и водоводни мрежи.

Во Бутел отпочна со изградба општинското основно училиште во населено место Визбегово. Инвестирани се 13 милиони денари за опрема во образованието. 10 милиони денари инвестиции во зградите на основните училишта.

Во Штип почната е постапка за изградба на детска градинка во населба Пребег, а започна и реконструкцијата и проширувањето на крстосницата во населба Сењак. Се реконструираат 16 улици.

Во Велес се финализираше горниот дел од новиот Градски пазар, а се работи на инвестиции за 10 нови водоводи и канализации.

Во Кочани започна со градба канализациона мрежа во Тркање и нов потесен цевковод во Грдовци, како и реконструкција на две основни училишта во градот.

Во Свети Николе во тек е изградба на нова противпожарна станица, започната е изградбата на детска градинка во Ерџелија, а во Виница во тек е изградба на затворен градски пазар и реконструкција на домот на култура „Тошо Арсов“.

Во Илинден се гради фекална канализација во локалитет „Јака“, и е во тек градба на ново основно училиште. Во Петровец направен е нов урбанистички план во Ржаничино за изградба на нова детска градинка, реконструиран е детски забавен парк во населено место Долно Коњари и уште многу други проекти.

Во Прилеп се прави реконструкција на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, комплетна реконструкција на влезот во градот од Крушево кон Прилеп и доизградба на детска градинка во населба Точила. А во Радовиш има изградба на пристапен пат до градски водовод 2000 метри. Склучен е договор со Европската делегација за реализација на проектот „Зелена топлина“ во износ од 1милион евра. Склучен е Договор за изградба на локален пат Дамјан – Погулево во износ од 17 милиони денари.

Во Кавадарци се работи на нова детска градинка, изградба на нов зелен пазар и на нов парк Киро Крстев, како и на две нови спортски сали.

Се работи и во малата општина Брвеница каде се врати во функција спортската сала Кочо Рацин и фудбалското игралиште, а во Јегуновце се заврши изградбата на колекторот за фекална канализација од Жилче до Шемшово.

Се работи буквално во секоја една општина каде градоначалници се луѓето на ВМРО-ДПМНЕ. Се работи и на стотици други проекти, во кои нема да навлегувам поединечно и барам да ми простат сите останати кои нема да ги споменам денес, затоа што списокот е предолг. Но во периодот што следи ќе се презентираат поединечно и секој градоначалник ќе направи индивидуален отчет за она што е сработено. Во исто време ќе направиме и отчети по региони при што ќе ја продолжиме комуникацијата со граѓаните, заедно да реализираме и заедно да се подобруваме, рече Мицкоски.

Мицкоски се осврна и на работењето на градоначланичката на Скопје, која беше поддржана од негвата партија.

Нема да пропуштам да кажам збор два и за Скопје и за тоа како работи градот. Гледам дека Данела Арсовска е под постојани напади за тоа како се води градот, и тука најгласни се оние кои го потонаа градот во проблемите од кој сигурно градот се крева и ги решава. Дали може подобро? Многумина ќе кажат може подобро, а јас ќе кажам ќе биде подобро, бидејќи друга опција нема. Макотрпно работат и директорите на јавните претпријатија, и дневно реализираат проекти и решаваат проблеми. Перински од скопски Водовод и Јане Мицевски од скопска Дрисла ги доближуваат институциите до граѓаните, Димитровски од Лајка, Илиевски од ЈСП работат на одржливи решенија за скопјани, исто како и Бојан Христовски од Градски Паркинг, заедно со останатите директори дневно решаваат проблеми. А нападите на власта, од оние чиј резултат е нула, па би рекол минус за Скопје ќе продолжат дури и тогаш кога во Скопје ќе се случат во периодот кој што следи многу убави и големи работи. Навикнете се на нивната злоба и завист, тоа се луѓе кои што само тоа го знаат и многу да крадат. Но, тие нека крадат уште малку, а ние ќе работиме кога ќе ја преземеме власта следи одговорност, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.